
Речиси 68,7 проценти од граѓаните сметаат дека дигитализацијата ќе го подобри и забрза процесот на добивање услуги. Сепак, 70 проценти од испитаниците сметаат дека во почетната фаза е значајно граѓаните да имаат асистенција од службеник при користењето дигитални услуги, покажуваат резултатите од истражувањето што за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражување Скопје (ИПИС).
Според анкетата, 57 проценти од испитаниците сметаат дека реформите во јавниот сектор треба да се насочат кон дигитализација, наспроти 28 проценти кои велат дека се потребни обуки и нови вработувања во јавниот сектор.
- За прв пат во овогодишното истражување на оваа тема се доближува бројот на граѓани кои избираат меѓу двете опции – услуга на шалтер или услуга во дигитална форма иако сеуште благо доминираат граѓаните кои избираат лично на шалтер да побараат и добијат услуга со 49,4 проценти наспроти оние кои преферираат дигитална опција со 45,6 проценти. Ова претставува раст од 12 проценти на оние кои сакаат дигитални услуги споредено со истото истражување направено во 2023 година, соопштија од „Детектор“.
Сепак, посочуваат, се уште 60 проценти од испитаниците велат дека до сега не искористиле ниту една услуга онлајн. Речиси 38,4 проценти велат дека искористиле онлајн услуга. И на ова прашање има раст од 12 проценти споредено со 2023 година.
Се уште скептични се 37 проценти од испитаниците околу безбедноста на нивните податоци онлајн, а 33,2 проценти сметаат дека сега е полесно да се дојде до документи споредено со пред пет години.
- Ова е значителен раст во однос на истото прашање во 2024-та година кога во ек на пасошка криза само 19 проценти граѓани беа задоволни од процедурите за добивање документи, велат од Детектор.
Како што дополнуваат, генералната средна оценка за дигитализацијата во земјава е чиста тројка.
Истражувањето на јавното мислење е реализирано телефонски во периодот од 24 до 26 јануари годинава на репрезентативен примерок од 1033 испитаници од цела држава.