Skip to main content

„Златна рамка“ од 26 до 28 јуни во киното „Фросина“

Годинашното издание се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија

Македонските филмски остварувања во измината година ќе бидат претставени од 26 до 28 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, во рамките на 7. издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, што го организира Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). На тридневната ревија ќе бидат прикажани најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.

Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани во македонската културна сцена. Мисијата на манифестацијата е да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата – велат организаторите.

Покрај тоа што е филмска ревија, „Златна Рамка“ претставува и платформа за професионален дијалог, каде филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработки. Годинашното издание се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес. Од своето основање, ДФРМ претставува глас и поткрепа за сите професионалци во домашната филмска индустрија.

Ревијата почнува во четврток (26 јуни) во 18 часот со проекција на пет кратки филмови на режисерите: Елеонора Венинова, Халим Лута, Надежда Панов, Трифун Ситниковски и Васил Христов.

На 27 јуни во 19 часот е закажана проекција на документарецот „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, во продукција на „Скопје Филм Студио“. Во 20.30 часот ќе има проекција на „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во продукција на „Трис Филмс“.

На 28 јуни во 18 ќ биде прикажан документарецот „Богатство“ во режија на Арсим Фазлија, на „Сејви Продукција“, а од 20 часот ќе биде прикажан „Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар, во продукција на „Сектор филм“.

Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма ќе се одржи и специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното „Фросина“.

Друштвото на филмските работници на Македонија е здружение на граѓани, е основано на 21 мај 1950 година со слободно здружување на филмски работници од Македонија и има својство на правно лице. Друштвото е независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на филмските работници.

ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Фестивалот започнат 1979 година, е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Исто така, Друштвото е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на Македонија.

Поврзани вести