Здружението SOS Охрид предупредува на социјалните мрежи дека со планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, се планира рушење на објект кој за 2 години, заокружува 100 годишно постоење. Станува збор за семејна вила во духот на еклектиката, од првата половина на XX век.
Извадок од планската документација
Локацијата на објектот и опфатот на сателитска снимка
Сместена на улицата „Димитар Влахов“ во близина на објектот на Гимназијата „Св. Климент Охридски“, куќата учествува во една поголема амбиентална целина во овој дел на Охрид, каде имаме сведоци на слободностоечки семејни вили, сместени во зеленило, со декоративна пластика и столарија, имоти со занаетчиски пристап кон обликувањето и декоративност на оградите.
Фото: SOS Охрид
Во овој дел на Охрид сеуште опстојуваат 10тина објекти кои говорат за удобното семејно домување од периодот меѓу двете светски војни. Во непосредна близина периодов сведочевме на една вандалска интервенција врз објект со иста архитектонска и амбиентална вредност.
Фото: SOS Охрид
SOS Охрид упатува јавно прашање – како е возможно ваков објект да не е третиран од Управата за заштита на културното наследство?! – Прашање кое ние постојано ги поставуваме за многу слични примери во Скопје и ширум републиката.
Фото: SOS Охрид
МАРХ јавно ја изразува поддршката на SOS Охрид во нивната намера да се спречи реализацијата на оваа планска документација и преточување во ДУП, со кој ќе се овозможи рушење на овој објект и изградба на објект за колективно домување со катност П+4!