Skip to main content

Заврши првото издание на театарскиот фестивал „Ку-Фест“

Заврши петдневниот Балкански театарски фестивал „Ку-Фест“. Публиката уживаше во пет претстави, а вчера тричленото жири Сенад Абдули, Дрита Каба Карага и Горан Илиќ ги додели наградите во неколкуте категории.

Наградата за споредна машка улога му припадна на Блерон Хевзију во „Баскервилски пес“, за споредна женска улога на Кети Дончевска Илиќ во „Калигула“, а специјалната награда од публиката ја доби Веби Ќерими во „Да лажеш или не лажеш“.

Наградата за режија ја доби Ѓорѓи Ризески за „Калигула“, а за најдобра претстава е прогласена „Да лажеш или да не лажеш“.

Главната награда „Сефедин Нуредини“ на фестивалот „КУ-ФЕСТ“ ја доби Адриан Азири во „Пациент на доктор Фројд“.

На фестивалот имаше три претстави на албански јазик, една на српски и една на македонски јазик и сите беа прикажани на сцената на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Директорот на фестивалот Ќазмедин Нуредини изрази задоволство од реализацијата на првото издание на „Ку-Фест“, истакнувајќи ја тимската работа која овозможила создавање фестивал од интернационален карактер кој понуди квалитетни претстави за публиката.

Организаторите велат дека токму ваквата разновидност е целта на „Ку-Фест“ – да се обединат културите и да се отвори простор за размена на идеи и сценски искуства.

– Според можностите, оваа година освен претстави од Македонија, учествуваа и претстави и од Србија и Косово, но за следните години веруваме дека ќе има можности да се вклучат и претстави и други држави од Балканот. „Фестивалот „Ку-Фест“ обезбеди креативна размена на сцената и поттикна инспирација да продолжиме уште посилно наредните години, затоа што само така Куманово може да ја промовира и развива сценската уметност во градот и пошироко, внесувајќи културни вредности, а самиот фестивал да стане платформа за промоција квалитетни претстави и нови таленти, изјави Нуредини.