
Во нашата претстава, досадата е, всушност, најинтересната работа! Ја поставуваме како предизвик, како потенцијал за игра, за истражување и за личен раст, вели актерката Нина Деан пред премиерата на претставата за деца „Жива досада“ која е закажана за утре, на 8 мај, на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).
„Жива досада“ е авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.
Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска како алтернација.
Преку приказната покажуваме дека не е проблем да ни биде досадно, проблемот е ако не знаеме што да направиме со тоа чувство. Суштинската порака е дека потребен е баланс. И постојаната активност и целосната неактивност може да имаат негативни последици ако се во екстрем. Затоа, да научиме дека рамнотежата, односно балансот е клучот и во детството и подоцна во животот, вели Деан во изјава за „Република“.
Според Деан досадата е многу корисна, особено за сè уште неразвиениот ум кај децата.
Таа е клучна алатка за развој на креативноста, за генерирање нови идеи и за учење како да се биде сам со себе. Во детството, досадата е своевидна лекција што, ако ја научиме навреме, ни служи низ целиот живот. Наместо да се плашиме од неа, можеме да ја препознаеме како простор за истражување, за игра и за самоповрзување, смета актерката.
За Гоце Андонов, досадата е поттик за созавање нови дела.
Самиот страв од досада е честа појава, не само кај децата туку и кај возрасните. Кога ќе се тргнат стимулансите, како телефонот и технологијата, секое дете и секој возрасен си бара друго решение. Оттука, според мене, поаѓa и креативноста, вели Андонов и додава дека во „Жива досада“ таа е претставена како што неминовно и како дел од животот.
Нешто што треба да се прифати, а не само да се замени со некој друг стимул, завршува Андонов.

За актерката Јана Вељановска досадата не само што може туку и треба да биде поттик за создавање.
Живееме во „брзо“ време, окупирани од технологијата. Децата, па и возрасните, имаат безброј начини да го пополнат времето – социјални мрежи, игри – на компјутер, на телефон, на конзоли, на ТВ, онлајн… Премногу се оптоварени и едноставно немаат можност да ѝ дозволат на досадата да преовладее малку, да им биде досадно, па со самото тоа да мораат да најдат некаков покреативен начин да го поминат своето време.
Па затоа, во нашата претстава досадата е претставена како проблем за ликовите, кои во даден момент добиваат можност да поживеат сосема различен живот од својот за да дојдат до заклучокот дека во животот од сѐ треба по малку. Малку интернет, малку игри, дружба со другарчињата, курс, тренинг… Истовремено, „Жива досада“ колку што е претстава за деца толку е претстава и за возрасните, кои им овозможуваат на своите деца да бидат од најрана возраст изложени на технологијата и да станат зависни од неа, објаснува Вељановска.
Сценографијата во претставата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.
Следната изведба е на 9 мај во 18 часот, а билетите за претставата се веќе пуштени во продажба.
Претставата е во продукција на МНТ и е финансирана од сопствени средства.