
Од печат излезе книгата „Од две страни сонце грее: Современа кинеска и македонска поезија“ во издание на издавачката куќа Хуаченг од Гуангџоу, Кина. Станува збор за тројазична (македонски, кинески, англиски) збирка поезија, во која се поместени песни од седум македонски и седум кинески современи автори. Од македонска страна претставени се: Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска и Андреј Ал-Асади, додека од кинеска: Шји Чуан, Лју Јуе, Аку Вуву, Џао Си, Минг Ди, Ли Суо и Џао Лихонг.
Препевот во соработка со авторите го извршија синолозите Игор Радев, Сара Цветановска и Елена Дамјаноска. Уредници на изданието се кинеската поетеса Лју Јуе и македонскиот синолог Игор Радев.
Книгата, информира Игор Радев, претставува резултат на првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница насловена како „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, која беше одржана во август, 2024, во Охрид, во организација на МАНУ во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет.
Ова издание е од историско значење со оглед на тоа што претставува прво систематско претставување на современата македонска поетска сцена во рамките на кинеското говорно подрачје. Воедно, најверојатно за првпат се издава во Кина едно книжевно дело и на македонски јазик. Книгата беше претставена на 13 декември на кампусот на Пекиншкиот нормален универзитет во Џухај во склоп на Меѓународниот форум за книжевна размена, додека на 14 декември беше организирана и промоција во Гуангџоу. Од македонска страна на овие настани учествуваа акад. Катица Ќулавкова и Игор Радев. Претходно, од 5 до 10 декември овие двајца македонски претставници учествуваа и на 10-то издание на Шангајскиот меѓународен поетски фестивал, на којшто покрај истакнати поети од дваесетина земји од светот, учество зедоа и преведувачи, синолози и теоретичари на литературата, додека темата на годинешниот фестивал беше – „Патот на поезијата во ерата на вештачката интелигенција“, изјави Радев.
При церемонијата на отворање на Шангајскиот меѓународен поетски фестивал песната на реномираната македонска поетеса Наташа Сарџоска „Картографија на огнот“ во кинески превод беше одбрана да биде кореографирана и изведена како сценско-музичка точка, за која компонирањето беше извршено од страна на вештачка интелигенција.
фото: Игор Радев

Македонски






