
Со свечен концерт на извонредни млади пијанисти и церемонијално доделување на наградите на најдобрите, синоќа во Македонската филхармонија официјално беше затворено второто издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“.
На сцената на Камерната сала им беа доделени наградите на најдобрите, од вкупно 145 пијанисти од 11 држави, колку што годинава учествуваа на овој натпревар, поделени во четири дисциплини и 10 возрасни категории.

Наградените ученици добија дипломи, а оние со освоени најмногу поени во својата категорија добија и медали. За првпат годинава беа избрани и најдобрите млади пијанисти на годината на Македонија, во две категории – родени 2011-2014 година и родени 2006-2010 година. На најдобрите – Јане Петровски и Софија Михајловска – наградите им ги додели маестро Симон Трпчески, кој, заедно со проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска, беше дел од жири-комисијата за избор на најдобар македонски млад пијанист за 2025 година.

Најдобрите од основните училишта ги избра жири во состав м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска и м-р Колос Цури, професори по пијано од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот за пијано во ова училиште, и д-р Ема Попивода, актуелна директорка на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана и професорка на Музичката академија во Штип.
Учениците од средните училишта ги оценуваа Весна Кршиќ, професорка од Факултетот за музичка уметност во Белград, проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска, раководител на Катедрата по пијано при Факултетот за музичка уметност од Скопје и м-р Ќетковиќ Фидановска.
Настапите во онлајн-категоријата ги оценуваше меѓународна комисија составена од Илинка Манова, истакната македонска пијанистка и професор по пијано во Њујорк, Франческа Видал, професорка по пијано во Музичката школа во Венеција и Данијел Ото, професор по пијано во едно од најдобрите музички училишта во Хрватска „Музичка школа Вараждин“, во која е раководител на Одделот по пијано.

Жирито додели и специјални награди во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, Културно-информативниот центар во Тирана и Амбасадите на Австрија и Јапонија во Македонија: Награда за најдобра изведба на дело од македонски композитор, Награда за најдобра изведба на дело од австриски композитор.
Со подеднакво бурен аплауз беа поздравени и најдобрите учесници и изведбата на маестро Трпчески, кој во духот на оваа манифестација, отсвире валцер што го научил кога имал осум-девет години, исто колку дел од натпреварувачите на овогодинешниот „Пијано клавиш“.
Сакајте ја музиката, порача најпознатиот македонски пијанист, и вредно работете, свирете, вие сте иднината.
Пред бројната публика, која не штедеше на бурни аплаузи, настапија двајцата најдобри млади пијанисти за 2025 година и оние кои во натпреварувачкиот дел освоија максимални 100 поени за своите изведби.
Така, освен во изведбите на Јане Петровски и Софија Михајловска, публиката уживаше во настапите на младите пијанистички таленти Ари Цезар, Ари Софија Ана, Јован Цветиновски, Сара Витанова и Петар Митиќ, како и во заедничките настапи на Ања Ивановска и Дамјана Грујовски, односно Златица Лазарова и Јулијана Јанев.
Мотото на „Пијано клавиш“, поттикнување на младите пијанисти и нивна промоција, со задоволство го исполнуваме, нагласија организаторите на натпреварот – проф. д-р Ема Попивода и м-р Светлана Димитриевска, повикувајќи ги и овие млади пијанисти и сите други, в година на уште едно вакво извонредно музичко искуство.

Македонски






