Skip to main content
62. Рацинови средби

Венко Андоновски: Кога ќе го поставиме во европски контекст, сфаќаме дека во Рацин имаме непозната планета, човек кој ја бара смислата

Програмата на 62. издание на Рацинови средби продолжува денес со промоција на тритомното издание „Рацин“ од Венко Андоновски (за поезијата на Рацин), проф. д-р Искра Тасевска-Бошкова (за прозата и публицистиката на Рацин) и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (за живописот на Рацин). Изданието ќе го промовира академик Катица Ќулавкова, која е и главен стручен редактор.

На свеченото отворање на 62 Рацинови средби, беседа за Кочо Рацин одржа професорот Венко Андоновски, кој рече дека „за големите луѓе и малку зборови се многу, за малите луѓе и многу зборови се малку

Мораме да кажеме дека Рацин е македонскиот Бертолт Брехт, зошто се срамиме од тоа. Рацин допрва ќе се чита, го читавме во тесни македонски рамки и бевме збунети. Кога ќе го поставиме во европски контекст, сфаќаме дека во Рацин имаме непозната планета, човек кој ја бара смислата. Како да се плашиме да сфатиме дека имаме светска величина. Неговата поезија е премногу стеснета на социјална лирика, аргати, експлоатација, што и е така. Но, тој е многу поширок во бунтот. Неговиот бунт што човек на човека му ја пие крвта не е бунт само против сиромаштијата и екслоатацијата. Неговиот бунт е поради тоа што светот молчи пред неправди и ужаси, светот легализира општество каде човек на човека му ја пие крвта. Рацин се бунтува за светот кој молчи, рече Венко Андоновски.

Неговите љубовни писма до Раца се надомест за нешто што го немавме во 19. век, а требаше да го имаме. Тоа е љубовната романтичарска лирика. Дописните картички за Раца вријат од романтичарска лирика и тука го гледам тоа надополнување на таа празна врата од 19. век. Рацин пробал да напише роман, затоа што и тоа не сме го имале во 19. век, а сите регуларни книжевности го имале. Рацин е и авангарден оти ја бара смислата во тогаш актуелните програми за преобразба на светот, а секој поет бара подобар свет, барем вербализирано. Смислата на тој свет не е само да победи комунизмот, туку човечкото во човекот. И да дојде праведен систем, но ако не сме одвнатре луѓе, тој систем повторно ќе создаде лош свет против кој повторно ќе се буниме. Ми се чини како Рацин да е жив, како ноќе да ги допишува своите дела, кажа Андоновски.

Во амфитеатарот на Младинскиот парк од 20:30 часот ќе се одржи меѓународниот поетски митинг со 15 учесници од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија а потоа на проф. д-р Намита Субиото од Словенија, вонредна професорка по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Љубљана, ќе и биде врачено почесното Рациново признание.

Поврзани вести