Skip to main content

Веле Смилевски за македонската книжевна конфронтација

Издавачка куќа „Дијалог“/ корица

 „Македонската книжевна конфронтација – од соцреализам до естетски плурализам“ е насловот на новата книга на Веле Смилевски, објавена деновиве во издание на „Дијалог“ од Скопје.

Предмет на авторовите истражувања во овој проект од 400 страници се книжевните полемики како предизвик за соочување со постулатите, особеностите и вредностите на влогот на македонските писатели во развојните процеси на македонската литература во периодот од 1945 до 1985 година.

Во рецензијата за овој труд, д-р Соња Стојменска – Елзесер пишува: „Во книгата „Македонската книжевна конфронтација – од соцреализам до естетски плурализам“ д-р  Веле Смилевски како критичар, есеист и пред сè како книжевен научник, се зафатил со една важна и одговорна задача, да ги постави на разглед различните становишта на значајните и неодминливи имиња  на современата македонска литература, кои и со своите дела и со своите критичко-полемички промислувања, дадоа прилог во развојните процеси на нашето книжевно творештво во втората половина на минатиот век. Факт е дека критиката и полемиката како апликативни дејности на своевиден начин го исцртуваат дијаграмот на тој развој. Проблематиката на книжевната конфронтација претставува едно од суштинските поглавја во изучувањето на македонската современа литература, така што оваа синтетична студија на Смилевски со својата продлабоченост, прецизност и акрибичност има капацитет да се вброи меѓу препорачаните четива во едукативниот процес од областа на македонистиката“, подвлекува Соња Стојменска – Елзесер.

Веле Смилевски (1949) е автор на 23 книги од доменот на книжевната наука, критиката и есеистиката.               Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на уметноста и културата.

Поврзани вести