
Ана Стојаноска е театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Уметнички директор и Претседател на Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од септември 2022г.
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.

Авторка на:Неколку тишини подоцна (роман, Полица, 2025) Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезија и проза и е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзина поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.
Во пресрет на 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ кое почнува на 06.05 (петок) разговаравме со Стојанпска за програмата, предизвиците, јубилејот кој догодина ќе го одбележи Фестивалот…
59.издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ почнува со „12“ во режија на Синиша Евтимов и во продукција на МНТ, а билетите беа распродадени за неполн час. Фотографиите со редици луѓе кои чекаат да купат билет за во театар навистина се радост за сите. Што значи тоа за Вас ? Дали на самиот старт ова најавува добар и посетен Фестивал?
Се надевам дека најавува добар и посетен фестивал. Прилеп го сака фестивалот и секогаш е тука за фестивалот. Фестивалот ја сака и почитува својата публика. За мене интересот за театар значи и тоа дека на градот му треба и театар и му треба и театарска зграда. Жал ми е само што капацитетот на салата е толку само 600 седишта за да можеме да одговориме повеќе и подобро. За претставата „12“, како што знаете, и на матичната сцена има огромен интерес и навистина очекувавме да биде најбараната претстава на фестивалот. Но, тука сум да потсетам дека и другите претстави од селекцијата се одлични за гледачите да ги проследат.

Пред само неколку месеци Инспекторатот при Дирекцијата за заштита и спасување, поради повеќе безбедносни пропусти, ги забрани за приредби, манифестации и претстави салите во ЦК „Марко Цепенков“ и во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, но Вие не се откажавте…Одлучивте Прилеп да биде град-театар и истражувавте алтернатвни сцени. Салите сега се безбедни, но дали на некоја од алтернативните сцени ќе се игра годинава?
Прво сакам да се заблагодарам на Центарот за култура „Марко Цепенков” – Прилеп што успеаја да го средат просторот на време, затоа што за мене е многу важна безбедноста и на учесниците и на организаторите и на публиката. Да, како и претходните две години од кога сум на чело на фестивалот, сакам од Прилеп да направам град театар, сакам да се откриваат нови сцени, сакам да имаме театар насекаде. Оваа година ќе имаме претстава и во киното „Мис Стон” и во Галеријата и во гастро бар „Монарка” и во кафе бар „Тротоар”. Кај пријателите на фестивалот ќе биде поставена и изложбата „Прилеп во фокус” или Музејот во движење и на сите страни ќе има театар. Важно е да се покаже дека театарот го прават актерите, дека театарот постоел и ќе постои благодарение на луѓето што го креираат.
Кога стапивте на функцијата директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, изјавивте дека ќе имате програма која ќе се грижи за националната драма. Кои претстави и од кои театри ќе може да се погледнат годинава во Прилеп?
Да, мојата цел, пред сè како писателка и професорка, е да има што повеќе домашни автори. За оваа година ја смисливме програмата „Драмолетање” која има за цел да го поврзе драмскиот автор со потенцијалните продуценти. Затоа што драмата е да се игра на сцена, а не да биде само напишана. Од македонски автори годинава на фестивалот ќе бидат претставите „Црно семе” според истоимениот роман на Ташко Георгиевски, продукција на Народен театар – Битола, „Парови” и „Сите прекрасни нешта” од Ана Ристоска – Трпеноска, во продукција на Драмски театар – Скопје и Народен театар – Штип, „Рацин” – драматург Сашо Димоски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” – Велес, во официјалната селекција и „Вампири” – авторска претстава и „Казабалкан” од Горан Стефановски во придружна програма.

Следната година Фестивалот ќе има 60.издание. Бројка за почит, но и обврска – треба да биде достојно одбележан, бидејќи МТФ „Војдан Чернодрински“ е најстар театарски фестивал во зејава… Дали размислувате за одбележување на јубилејот и се разбира, за поголема поддршка од државата?
Се разбира дека размислувам. Уште од почетокот на мојот мандат размислувам за 60. издание, зашто така ќе заврши и мојот ангажман. Шеесет години се одлична бројка, покажува традиција и континуитет, но и е огромна одговорност. Шеесет години театарски фестивал и во светски рамки е јубилеј за почит. Сакам да ги реализираме нашите идеи. Да гледаме повеќе македонски драми, да гледаме современ театар и на секаков начин да дадеме почит на нашите претходници, но и да дадеме „крилја“ на нашите наследници. Размислуваме со тимот како најдобро да го одбележиме и да го прославиме јубилејот. Се разбира дека очекуваме поддршка од државата, пред сè, затоа што ова е најстариот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.
Разговараше: Невена Поповска
фото: Приватна архива/ МТФ „Војдан Чернодрински“