Skip to main content

„Света саможртва за Македонија“ -нов драмски текст на Зоран Пејковски

Деновиве, а по повод 120-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер и војвода Христо Узунов, од печат излезе драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“, трагедија во 18 сцени со пролог и епилог во која преку брзи и динамични сцени се отсликува краткиот живот на револуционерот и војвода Христо Узунов, кој напуштајќи го земскиот свет, станува, не само херој, туку и светител на Македонското револуционерно движење и Македонската револуционерна борба. Рецензенти се проф.д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова и м-р Катерина Момева, издавач е една од најдобрите македонски издавачки куќи ПНВ-публикации од Скопје.

За  Христо Узунов, како што и самиот автор ќе напомене во своето „Обраќање кон публиката“ дека: „Историографијата ќе забележи дека тој како прв човек на востаничкото раководство на Охридскиот реон, а потоа и на Битолскиот, чувствувал голема грижа за сите Македонци кои останале доследни на заветот и каузата за Македонија…., станува еден од столбовите на Македонското револуционерно движење. Задоен со чист македонизам и патриотизам нему не му останува ништо друго освен светата саможртва за Македонија…. Тој докажува и пред себе, но и пред македонскиот народ дека и светоста ја заслужува со достојност и почит. Неговите мигови на безизлез докажуваат дека тој не бил кукавица, туку борец за правдољубие и чест, така што и кога било најтешко, тој заедно делејќи ја болката со Македонците останува со својот народ, давајќи им безусловна љубов, и на Македонија и на Македонците, борејќи се пред сè за нив како силен показател дека ослободувањето на Македонија мора да се движи во континуитет….

Христо Узунов будејќи им го чувството на восклик на умот и желбата за самостојна Македонија, ни покажува дека треба како вистински фанатици да се посветиме кон македонската револуционерна борба, покажувајќи и докажувајќи ни дека во секој од нас Македонија треба да ни биде една и единствена кауза. Делата за Македонија треба да се продолжат“…

Во својата рецензија, проф. д-р Димитар Пандев ќе напомене:.. „Еве ни ја најпосле приказната за легендарниот Христо Узунов, војводата, – преточена и во драмска форма, што ќе рече, во најоживеаната од сите книжевни форми, во онаа смисла што самиот текст веќе е подготвен за сценска изведба, и потем „Кузман капидан“ на Васил Иљоски, бездруго, таа би била една од најмасовните сценски претстави, што во современи услови се постигнува со мултимедијалност, а од другата страна на историјата на драмската уметност, повторно нѐ враќа кон старите сценски синкретични уметности во кои митот прераснува во легенда заснована врз трагичен настан. И тоа авторот Зоран Пејковски јасно и недвосмислено го истакнува, небаре не им остава ни малку здив да читателите и/или гледачите да се посомневаат во неговиот пристап кон драмското дејство.

Впрочем, потем своевременото овековечување на Христо Узунов во македонската народна песна, всушност, во онаа врвица на револуционерно-учителска поезија од која се изнедрува и песната/песните (низ сите можни варијанти) за Христо Узунов, и која се јавува во функција на пролог и епилог кон драмскиот текст на Пејковски, и потем прецизната историографска елаборација на настаните поврзани со неговото револуционерно дело, која совршено се вклопува во драмскиот текст на Пејковски – од претсказбата за неговото јунаштво, преку неговото револуционерно издигнување, низ сите подеми и падови на македонската илинденска (пред, за време и потем) епопеја до херојската саможртва (особено, низ делото на Христо Андонов-Полјански, но и други историчари), како и потем сведоштвата и прикажувањата од блиската рода на Узунов, на протег од најмалку еден век (од свидетелите на неговото стапување во редовите на Организацијата, преку настаните што го обележуваат неговото револуционерно истрајување, но и интимно прекршување пред поривите на страстите во животот, до трагичната саможртва и „погребната поворка со мртвото тело на Христо Узунов“) – драмата „Света саможртва за Македонија“ доаѓа како „круна“ на сето она што низ различни форми е искажано за Христо Узунов, низ една книжевна обработка која одамна пресекнала во современата македонска литература, а сега одново се вивнува во книжевните простори, исполнувајќи го и драмскиот простор, низ историографски поткрепени дидаскалии и прецизно одмерени дијалози „на висина на револуционерното дело“ и со стихувани реминисценции од кои одѕвонува трагедијата како древна драмска иницијација, овој пат надополнета со стилски синтези од различните функционални стилови. И со воспоставена мултимедијалност меѓу гласот на нараторот и драмските актери, и со една пресомислена драмска логистика, наместо хорска придружба – востаничка поетика.

Зоран Пејковски останува верен на својот изразито натуралистички пристап кон драмското дејство, му останува верен и на Прличевото пеење, не се оддалечува ни од народниот „македонски стих и напев“, не му се туѓи и „темните кажувања“ на свидетелите на погромите низ кои се разбиструвала вистината за македонското револуционерно дело и станувала легенда приказната за Христо Узунов.

На Зоран Пејковски не му е туѓа ниту пригодноста на јубилеите што секоја една професија, независно од нејзината посветеност кон историјата, треба да ги одбележи. Го прави тоа и Пејковски со ова драмско дело, зашто драмата од која било друга форма најцелосно ја одразува суштината на приказната и се врежува во сознајбата на читателите на драмскиот текст, т.е. на гледачите на сценската изведба.

Со овој текст, Пејковски всушност ја одбележува 120-годишнината од смртта на Христо Узунов, а тоа е токму она приказнично време во кое најмалку три, а всушност реално шест генерации македонски дејци, од востаници и револуционери преку борци и партизани до ученици низ слободните македонски училишта на мајчин македонски јазик и вљубеници во македонската историографија, почитувајќи ја саможртвата на Христо Узунов, ја продолжуваа приказната што никого не го остава рамнодушен.

Ако Прличев го направи тоа со Кузман Капидан, а по него и Васил Иљоски, еден од кодификаторите на македонскиот јазик, тогаш Пејковски се издигна над македонскиот фолклор, македонска историографија и над сите македонољубни чествувања на ликот и делото на Христо Узунов, вкомпонирајќи го сето тоа во овој несекодневен драмски текст. Секако, јубилеен, но -јубилеите одминуваат во пресрет на нови, а драмскиот текст останува.

Рецензентката проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, за трагедијата „Света саможртва за Македонија“ меѓудругото ќе напише: „Света саможртва за Македонија“ е книжевно – историско и уметничко претставување на историјата. Имено, во драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ на македонскиот писател Зоран Пејковски, кој е посветен на големиот македонски борец и војвода Христо Узунов (1878 – 1905), видливо е Прличевото влијание, не само како близок роднина, тетин на Христо Узунов, туку и како ненадминато перо, особено во пишувањето на поеми! Така и овој драмски текст на Пејковски е напишан како соодветна поема со историско-јуначки карактер…. Тоа значи дека темата и идејата се јасни – борбата на Македонецот под османлиска власт за слобода, олицетворена во Македонската револуционерна организација (1893), односно Тајната Македонско – Одринска револуционерна организација (ТМОРО, 1896) и нејзиниот војводски кадар. Во неа е прикажана саможртвата на војводата Христо Узунов и неговите четници, во борбениот и ослободителен стремеж.

Потоа низ рецензијата прави еден рекапитулар, пишувајќи за Христо Узунов и за неговото влијание во Македонската револуционерна борба и моралниот факт дека мораме да го гледаме како гордо македонско револуционерно наследство.

„Војводата и револуционерот Христо Узунов (1878-1905), пред сè импонира со позицијата, која најчесто и со оправданост метафорично се нарекува прометејска! Тој во времето во кое живеел се наведнувал блиску до земјата – до Геа, од каде што секогаш доаѓа вистинската сила. Се спуштил блиску до народот, до поробениот. Но, за тоа требало најпрвин да се располага со најелементарната квалификуваност: чесност, верба во доброто, доверба во човекот! Христо Узунов бил изразител на македонската низина, на македонската селанска маса, овоплотувач на нејзините ослободителни стремежи….

Карактеристични се три главни моменти во оваа смисла. Имено, по неуспехот на Илинденското востание (1903), по враќањето на теренот, во Охридскиот револуционерен реон, Христо Узунов затекнал хаотична ситуација. Тој особено бил вознемирен од бегството на некои од членовите на Горското началство (раководство). Кога за ова дознал, со својата чета се спуштил кон планината Караорман, со намера да ги врати назад, а ако не се согласеле, да ги стрела како дезертери. Но, не успеал да ги стигне. Во овие тешки моменти тој останал со народот, носејќи се со неговите страдања и маки, останувајќи докрај верен на ослободителното дело како идеал.

Тука треба да се истакне дека не само во Востанието, туку и низ сета своја револуционерна дејност, до крајот на својот живот Х. Узунов бил единствениот од поистакнатите револуционери на Битолскиот револуционерен округ што никогаш не стапнал во Бугарското кнежевство, ниту побарал одмор зад границата.

Тој дејствувал како „вистински фанатик на македонската револуционерна внатрешност“, забележал Анастас Митрев, еден од неговите биографи….

…Христо Узунов оставил впечаток и кај своите соборци. Имено, како резултат на големата зима, кон крајот на 1904 година до пролетта на 1905 година, тој престојувал во Битола, каде што маскиран како свештеник успешно се криел од еден во друг дел на градот. Во тој период, заедно со Ѓорги Поп Христов, кој би член на Битолскиот окружен комитет, работеле на осмислување на борбата против големогрчката пропаганда; подготвиле Проект-правилник за четите и селската милиција, инструкции за водење на судски дела (надвор од османлиското правосудство) во градовите и во селата, размислувале за културното и економското подигање на населението во Револуционерниот округ. Од оваа работна епизода датира сеќавањето на Ѓорѓи Поп Христов за Узунов, според кое: „[тој] беше вонредно чесен и искрен, особено спрема другарите и пријателите“. Но, истовремено „[тој] бараше одговорност од луѓето, беше строг, но мошне правичен…“, испитувајќи ги нештата со големо внимание.

Сето ова ни го открива војводата Христо Узунов како револуционер со јасна и конкретна визија. За него најбитни биле делата. Еден бунтовник сè уште не е револуционер. Заслугата на војводата Узунов, бездруго највеќе се огледа и во фактот што успеал бунтовната стихија на народното незадоволство во охридскиот крај да ја упати низ логиката на револуционерната акција. Посветен во ослободителното дело уште како ученик во Солунската егзархиска гимназија, од страна на Даме Груев – еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, Узуновата активност во родниот крај била насочена кон ширење на периметарот на организациската мрежа (ТМОРО), како во градот така и надвор од него“…

……„Како член на Горското началство, скоро на сите војводи во реонот им испраќал писма со инструкции, укажувања за настанатите состојби, а и учествувал во неколку судири (кај Бујо Глава – с. Мраморец, Три Буки на Слатински рид, превлаката кај Горно Илино, Рашанец). Низ непосредните задачи, тој ги поставувал јасните цели на борбата, меѓу кои доминира првиот принцип: таа да се води со сопствени сили до потполна независност и реално се залагал за слобода на конкретното македонско население, не на некаква апстрактна македонска земја, територија, историска рамка! Говорел дека вербата за успех во борбата треба да се бара најпрвин во себе, а потоа и кај другите. Ова и практично го демонстрирал со саможртвениот чин од 24 април 1905 година во селото Цер. Пред единаесеттемина херои да посегнат по сопствените животи“….

….„Христо Узунов го напишал претсмртното писмо писмо, како еден вид тестамент на големата македонска револуционерна борба. Таму, тој пишува: „Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон Делото, сите оние што му служат, зошто само искреноста и чистосрдечноста ја издигнале Внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од анормалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досегашни раководни сили на Организацијата што му нанесоа штета на Делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници. Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред нашата сета Организација“…..

…„Италијанскиот офицер Еторе Лоди и како очевидец и како човек кој поблиску се интересирал за македодонското ослободително движење, најдобро ја опишал драмата во Цер – подвигот на војводата и неговите четници. „На другиот ден по бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам“, му изјавил на револуционерниот деец, Наум Томалески.

„Труповите на единаесет млади јунаци, сите со отворени рани во градите и по челата. Се самоубија за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше простран на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв. Ете го она што не можам да го заборавам никогаш…!“

…„Христо Узунов го завршил животот доследен на определбата да се биде син „на втората (…) мајка“, наместо на онаа што го родила Анастасија Узунова“…

…„Секако, во оформувањето на Узуновиот карактер и лик влијаела и неговата родна средина. Роден е во Охрид (1878) во град што веќе имал традиција на организирана борба, особено со активностите на преродбениците: Јанаки Стрезов, Димитар Узунов (неговиот татко), Григор Прличев (неговиот тетин), Кузман Шапкарев и други. Во таа средина, личноста на Узунов почнала национално, идеолошки, политички и сестрано да се формира. Во својата интелектуално-емотивна структура ја усвоил вистината за својот (македонски) народ и за неговата судбина, за да ја носи во себе пораката на сите дотогашни македонски борци во еден највозвишен чин на револуционерното осмислување“…..

Оттука, може со полно право да заклучиме дека единствениот начин за чествување на неговиот спомен е да се последува неговиот пример и да се прегрнат неговите завети ќе констатира рецензентката проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова.

Рецензентката Катерина Момева која пак е драматург во Велешкиот театар за трагедијата „Света саможртва за Македонија“ меѓу другото ќе напише:…. „Света саможрва за Македонија“ преку која се создава автентична поетика и толкување на заборавен митски јунак“…, односно ќе напомени таа:…. „Ќе се задржам на митот, иако Христо Узунов не е само мит, тој е историска личност која живеела и делувала за создавањето на македонската држава, активно дејствувајќи во периодот од крајот на деветнаесеттиот век и почетокот на дваесеттиот век. Христо Узунов е еден од најзначајните македонски револуционери и национални херои, но како што времето изминуваше тој не беше во фокус и беше и донекаде заборавен. Затоа ова драмско дело „Света саможртва за Македонија!!“ потпишано од Зоран Пејковски, освен што ја има функцијата да биде оригинално уметничко дело со кое ќе се пренесуваат етички и естетички пораки, има за задача да не потсети на еден од првоборците за македонското прашање, низ еден ракопис што го слави трагичното, а истовремено и епското, затоа што низ трагедијата и епот се опевале подвизите на големите јунаци од историјата. Додека денес на некој начин ние живееме со многу изгубени вредности каде што сме секој на свој начин дел од самоуривањето на една нација, потценувајќи го сопствениот идентитет и интегритет, ова драмско дело уште во самиот наслов имплицира дека станува збор за саможртва, некој кој се откажува од сопствениот живот во име на повисока цел, идеал со кој се запишува една нова историја на татковината, а токму со таа саможртва го воздигнува сопственото себство во вечноста. Меѓутоа да се раскаже низ прозно дело или опее низ поетски јазик животот на еден јунак не е толку сложено, колку што е сложена драмската форма, затоа што е многу конкретна, доследна и доколку опишува еден животен опус, како што впрочем Зоран Пејковски направил, од делото се изискува логичен историски континуитет, структура преку која ќе се најде соодветен начин да се истакнат клучните премрежија преку кои личноста градира или деградира во оригинална индивидуа, драмското е секогаш најкомпетентно во отсликување карактери, а Пејковски е прв во македонската драматургија што се занимава со личноста и карактерот на Христо Узунов.

Драмата е напишана во осумнаесет сцени, пролог и епилог. Ако ги исклучиме прологот и епилогот драмата е раскажана во линеарна структура со доследна хронолошка нарација која започнува со раѓањето на Узунов до неговото херојско загинување.

Преку оваа драма и оние што не знаат ништо за животот и делото на Узунов, можат да се здобијат со многу информации, не само преку лицата кои дејствуваат, туку и преку драмските дидаскалии. Драмските дидаскалии даваат јасна слика на општествените контексти во кои се одигруваат ситуации на драмските сцени и автентично и методично се напишани, некои содржејќи историски факти, други емоционални состојби, мотиви и намери, но исто така слики преку кои се претставува времето, просторот, животот на една генерација. Што се однесува на драмскиот простор, дејствијата се одвиваат во Охрид, Солун, село Велгошти, во затворот, во Битола, во селото Цер каде и што завршува неговиот живот, во ентериери на стари градски и селски куќи или екстериери на градски населби од тој период, посебно е важна сцената каде Христо уапсен од турските заптии поминува по улиците на Охрид. Драмското време започнува три дена по раѓањето на Христо со доаѓањето на Прличев во нивниот дом, кој го подига новороденчето кон небото и кажува: „На планина знаме да развиеш од ропство Македонија да ослободиш!“. Со тој аманет почнуваме да го одбројуваме времето во песочниот часовник, па како што одминува времето свесноста за татковината и мајковината и родината е нешто што е сраснато со личноста на Узунов, времето носи само нови животни околности, а „изворот од кој се напива“ е цело време тој истиот – Македонија, се до 24 април каде што тој и уште единаесет членови на неговата чета си го одземаат животот за Македонија и не се даваат живи во рацете на турскиот аскер. Аманетот е исполнет.

Зоран Пејковски не го поставува низ дилема прашањето дали ваквата саможртва е херојство и дали е таа во суштина етична или утописка, токму како стариот трагичар Ајсхил кој единствен од грчките трагичари пишувал за да ја слави трагичната судбина на своите ликови, идеализирајќи ја до патетична крајност смислата на нивното битисување и дејствување, во име на возвишената идеја да се постигне катарзична целовитост. Нема двоумење, нема сомнеж, нема растројство и ако постои себеокривување, тоа се случува само ако не си ја докажал доволно својата посветеност за својата нација, па дури и кога оди во затворот Узунов не си дозволува страв и слабост, како тоа да е генетска одлика  на оваа нација, со тоа што и мајката на Узунов не дозволува некој да продре во нејзината душа и нејзините емоции, а со тоа таа претставува темел и пример за неговата издржливост, тој ни пред најблиските не смее да подклекне. Едноставно најголемо неверство е кога се изневеруваш самиот себеси, а тоа никогаш не може да му се случи нему, затоа што е надарен со многу редок талент, истрајност – не човечка, туку натчовечка истрајност.

За тоа дека низ драмскиот јазик е прикажана една историска хронологија зборува и бројот на ликовите. Има вкупно 53 ликови, сите оние личности за кои јасно се гледа дека авторот истражувал и ги појавил во различни сцени од животното патешествие на Узунов. Херои се и Глигор Прличев, Даме Груев и сите членови на четата наведени со име и презиме, некои личности за прв пат се откриваат во оваа драма, што е голем предизвик да се остане доследен на вистината, иако преку ваквата постапка е оптоварена фикцијата, но Пејковски успеал да одржи рамнотежа меѓу адекватното и имагинативното. Узунов ја положува заклетвата и се бори за слободата на својата земја. Негов најголем тест е убиството на Димитри Грдан, тука се заплетува животот на Христо, тој е уапсен заедно со Методи Патчев, Кирил Прличев и Иван Групчев, сè што претходеше пред убиството на Грдан беше отсликување на тоа како Узунов го изградуваше и калеше романтичниот и бунтовниот дух, но по апсењето тој веќе го започнува својот живот на војвода, тука почнува митот и митските херојства.

Многу важна драматуршка линија е љубовната приказна меѓу Христо и Наталија, без неа Христо би бил само јунак, а со неа тој станува човек. Во почетокот љубовта е на ниво на симпатија, мала љубовна игра во која Христо не си допушта и не се препушта, за потоа судбината да му ја донесе Наталија во куќата на Дамјаница, сега како вдовица и мајка на дете. Тие се привлекуваат обострано, но иницијацијата за еротското спојување меѓу нив двајцата ја дава Наталија, која ги руши бариерите меѓу нив двата, го повикува да биде со неа, иако тој во безумие ја остава во најинтимниот чин за нив двајцата. Тука авторот продира во неговата несовршеност пред крепоста на една жена.

Зборувавме за дидаскалиите, но да кажеме нешто за дијалогот. Преку анализа на дијалогот се истакнува шароликоста на драмското писмо на Пејковски, односно драмскиот израз е поделен на две целини, едноставноста со која го води дијалогот во хронолошките сцени до последната со трагичен пресврт и сцената во која се случува трагедијата на јунаците, која е целата испишана со многу длабоки стихови, ликовите ја предосеќаат злата коб, но остануваат верни на ликот и делото на Узунов и низ тие стихови е опишана возвишеноста на нивната верност, непокорност пред аскерот, доблест кон својот народ, но и јадовите што ги преживуваат, сето тоа низ стихови кои се нижат без престан, што се прекинуваат во кратки интервали додека јунаците стрелаат во аскерот, се додека секој од нив не остане со по еден куршум во својот револвер што ќе го испразни врз себе. Со ваквата постапка авторот се движи на граничната линија меѓу две литературни форми, трагедија и еп и сите големи митови во историјата на литературата се напишани во овие литературни форми, па и овој мит за Узунов, се разбира преку автентичниот ракопис на Пејковски.

Со оваа драма се создава автентична поетика и толкување на постоечка историчка личност преку градење на митски лик, протагонист со трагична хамартија, но не по грешка и не случајно, туку со свесен избор, затоа што делото е верно едновремено во отсликување на заборавена вистина за еден човек со голема свест и совест, ќе наведи од свој аспект драматургот Катерина Момева.

Што се однесува до авторот Зоран Пејковски, тој е македонски драмски писател, поет, драматург, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е професор од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје и доктор на науки по Културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Автор е на 24 драмски дела, 21 збирка песни, 6 поеми, 6 сценско-драмски рецитали, 4 научно-истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, 1 роман, 1 препев, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Во 2016 година, се стекнува со титулата Почесен амбасадор на мирот, од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France), во 2017 година се стекнува со титулата академик, а пак во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Во 2023 година ја добива престижната награда „Ацо Шопов“, највисокото поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија, и интернационалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа 2023“, а во 2024 година од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја добива наградата „Роднокраен автор за 2023 година за ДРАМА“, а Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, му ја доделува наградата за „НАЈДОБАР ДРАМСКИ ТЕКСТ“, за драмскиот ораториум „Ваташа“. Исто така во 2024 година ја добива и наградата „ЕРГО СУМ за 2024 година“ за драма и театарска критика, за особен придонес во драмското творештво и афирмација на критичкото делување, особено затоа што во последните 10 години тој се занимава со историска драма претставувајќи ја во Македонија, драмската форма -драмски ораториум и драма во стих, но и како театарски критичар кој со хирушки рез прави анализа на театарските претстави. Воедно во ноември 2024 година Хрватското книжевно друштво од Задар, му ја доделува големата интернационална награда „Горан Бујиќ“. Во 2025 година, Пејковски ја добива наградата „Гоцева мисла“ за презентација на македонската литература во странство, а пак од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја добива наградата „Роднокраен автор за 2024 година за ПОЕЗИЈА“.

Тој со драмско творештво се занимава од 1987 година, при што во раниот период приказната ја слика како фреска врз карактерите на ликовите со психолошки профил, а од 2014 година работи на историско-документаристичка драмска форма создавајќи го најтешкиот облик во драматургијата, а тоа се: драмата во стих и драмскиот ораториум, посветувајќи се на театарот како место за подучување, а не за забава. Преведен и препеан е на повеќе странски јазици. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија. Моментално е директор на Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник.

Поврзани вести