
Денес, Советот за култура предводен од претседателката Ганка Цветанова, одржа седница на која беше разгледана Нацрт-Стратегијата за развој на културата за периодот 2026–2030 година. На седницата членовите на Советот дискутираа за содржината на документот, неговите приоритети и насоките за идниот развој на културниот систем во државата.
Националната стратегија за развој на културата претставува клучен стратешки документ преку кој државата ги утврдува неопходните институционални рамки, административните алатки и мерки, како и приоритетните цели и активности во областа на културата за период од пет години.
Стратегијата идентификува пет приоритетни области преку кои во следниот петгодишен период ќе се спроведуваат реформите во културата: поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите, заштита и одржливо користење на културното наследство, реобликување на моделите на управување во културата со поголема институционална автономија, дигитализација и дигитална трансформација во културата, како и унапредување на културата како ресурс за креативен, социјален и економски развој.
Во изработката на Нацрт-Стратегијата учествуваше работна група формирана од Министерството за култура и туризам, составена од службеници со долгогодишно искуство во институцијата. Документот беше подготвен во консултација со Македонската академија на науките и уметностите, како и со повеќе од 50 претставници од институции, научни установи, граѓанскиот и приватниот сектор, струкови здруженија, автори, уметници и професори од високообразовните институции. Во рамките на подготовката беа направени анализи за периодот 2019–2024 година, а документот беше ревидиран и од експерти на УНЕСКО.
Во следниот период Стратегијата ќе биде ставена на широка јавна консултација. Предвидено е документот да биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописи, со што ќе се овозможи сите заинтересирани страни да достават мислења, предлози и забелешки. Дополнително ќе се организираат јавни дебати, а документот ќе биде доставен на мислење и до државните органи, установите од областа на културата, здруженијата и независниот културен сектор.
Заложба на Министерството за култура и туризам е процесот на изработка и донесување на Националната стратегија за развој на културата да биде инклузивен и транспарентен, преку конструктивен дијалог со сите чинители во културниот сектор.

Македонски

