Skip to main content
Андонис Константинидис за настапот на младинскиот хор од Солун во Скопје:

Соседите мора да делат и радост и визија, изненадувањето нè чека на сцената!

Традиционални грчки и модерни мелодии подготвува младинскиот хор од Солун за настапот во Скопје оваа сабота, што воедно ќе биде нивно прво претставување кај нас, а советникот по музичко образование во источен Солун, Андонис Константинидис во разговор за „Република“ открива дека на концертот ќе присуствуваат и деца од Кочани.

Концертот насловен „Wandering Echoes“ ќе се одржи на 15 ноември во малата сала на Македонската филхармонија, а хорот на Музичкото училиште во Солун ќе настапи со разновидна програма од традиционална до модерна музика.

Солунскиот хор, диригиран од Ангелики Крисила го сочинуваат 39 девојчиња од средни училишта, а Константинидис, кој е надлежен за проектот, открива дека концертот во Скопје ќе има и уште една симболична и емотивна димензија.

Поканети ќе бидат и десет деца од Кочани кои ќе се запознаат со децата од хорот, тие ќе бидат наши гости и им подготвуваме и мало изненадување. Ќе го следат концертот, планирано е дружење и заеднички ручек. Ова ќе биде во чест и спомен на сите што ги загубија животите дали во Кочани или на кое било друго место каде што се случила таква трагедија, вели Константинидис

Солунскиот младински хор ќе настапи во Скопје овој викенд. Што ќе биде изведено пред публиката во Филхармонијата?

Многу ни е драго што Хорот на Музичкото училиште во Солун, поканет од Амбасадата на Грција во Скопје, ќе настапи во Филхармонијата со многу интересна музичка програма. Програмата содржи разновидни популарни песни од грчката и балканската музичка традиција адаптирани за хорска изведба, како и современи дела од хорскиот репертоар, за кои сум сигурен дека ќе ја воодушеват публиката.

За каков хор станува збор? Колку членови има? Каде сте настапувале досега?

Хорот на Музичкото училиште во Солун, кој ќе настапи во сабота, 15 ноември, во Скопјe, е составен од 39 членови, сите ученици на Музичкото училиште во Солун. Се смета за водечки младински хор во Грција и во 2026 година ќе прослави 30 години постоење. Настапувал во големи концертни сали и театри низ Грција, како и во Франција, Турција и Холандија. Хорот го го води г-ѓа Ангелики Крисила од своето основање. Хорот е препознатлив не само по своите музички изведби, туку и по пулсот и енергијата што ја носи на сцената.

Најавивте изненадување за децата од Кочани кои ќе бидат специјални гости на концертот. Можете ли да ни откриете нешто?

Особено ни е драго што ја посетуваме Република Cеверна Македонија, нашиот пријателски соседски народ, по повод овој концерт, и имаме за цел да пренесеме пораки за пријателство и соработка преку нашата музика и песни. Затоа овој концерт е дел од Проектот за балканска соработка на Солунскиот државен оркестар, кој нè поддржува. Ќе имаме задоволство да ги пречекаме и запознаеме новите пријатели, децата од Кочани, и ќе можеме да ги споделиме нашите искуства, да отвориме нови полиња за односите на учениците од Музичкото училиште во Солун. Соседите, на крајот на краиштата, мора да делат и радост и визија. Изненадувањето нè чека на сцената!

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести