Skip to main content

Со семинар за народните инструменти и песни во Прилеп и Долнени почнува фестивалот „Пеце Атанасовски“

Со семинарот за изучување на народните инструменти и песни, почнува 51. Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Фестивалските вечери ќе се одржат викендов (31 мај и 1 јуни) на Рудина, Долнени.

Во просториите на ученичкиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп 20-ина млади ќе ги изучуваат народните инструменти и песни. Со нив ќе работат експерти од фолклористиката: проф. д-р Родна Величковска која е и уметнички директор на фестивалот, проф. д-р Горанчо Ангелов, доц. д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески.

Фестивалот го зачувува и го негува изворниот мелос и задоволство е да се констатира дека имаме сѐ повеќе заинтересирани млади кои сакаат и да ги изучуваат народните инструменти и песни, изјави Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.

Годинава Фестивалот е во старо-ново руво. И со терминот на одржување и со одржувањето на фестивалските денови. Двата дена, сабота и недела, се на Рудина, Долнени, и одржувањето е поврзано со Спасовден – денот на селото Долнени кое е лулка на гајдаџиството од каде што потекнува патронот, универзалниот уметник со светски глас, Пеце Атанасовски.

Фестивалот се враќа на корените, како што почна. Поврзан е со празникот Спасовден и сакаме да ја одржиме традицијата дека Долнени е лулка на гајдаџиството. Некогаш постоеле дури околу 150 гајдаџии. Секако, Фестивалот нераскинливо е поврзан и со Прилеп каде се одржуваат Семинарот за изучување на народните инструменти и песни и Симпозиумот, а секако во Прилеп се пренесува и целата атмосфера преку музицирањето на дел учесници во центарот на градот, рече Горан Василевски, претседател на извршниот одбор на „Пеце Атанасовски“.

В петок во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ е традиционалниот симпозиум „Фолклорот во минатото и денес“ на кој е промоцијата на зборникот со трудови на еминентни експерти на фолклористиката.

Со оглед на тоа што од декември 2024 година гајдата и нејзиниот начин на изработка се на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство, за што свој удел во заштитата има и Фестивалот, од годинава се воведува Ден на гајдата како настан во рамките на оваа национална манифестација.

В недела, на завршниот ден, жири-комисијата на Фестивалот ќе ги додели наградите на најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие наградата „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.