
Во пресрет на 21 јуни – Денот на Охридското Езеро, НУ Библиотека „Григор Прличев“ денеска во 11 часот ќе ја одржи манифестацијата СЛУШНИ ГО ЕЗЕРОТО. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
На платото пред Библиотеката трета година со ред поети од Поградец, Струга и Охрид ќе читаат претежно песни инспирирани од Езерото. Во Охрид ќе допатуваат и делегации од Библиотеките од Поградец и Струга предводени од директорките Афердита Дука и Маја Мојсоска.
На поетско – музичкиот перформанс ќе настапат пет автори од Охрид: Љупчо Милковски, Лидија Размоска – Тримовска, Ана Цветаноска, Светлана Котеска и Розе Костеска. Од Поградец доаѓаат двајца автори: Лири Сеитлари и Димитар Појанаку. Од Струга ќе им се придужат поетите: Милчо Мисоски и Пунторие Муча – Зиба.
Настанот ќе го отвори Хиристина Трпеска, директорка на Библиотеката – домаќин. Сво обраќање ќе има и Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Ќе биде поместена и мини изложба на ученици од подрачното училиште на ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани во Долно Коњско под раководство на нивната наставничка Лила Каранфилоска.
По традиција ќе настапат и учесници на фестивалот на детската песна РАСПЕАНО РИБАРЧЕ од Охрид.

Македонски



