Skip to main content
wCHbL6fYPBw
Славица Јанешлиева, деканка на ФЛУ

Недостатокот од ликовна критика во Македонија е сериозен предизвик, голем дел од наставниот кадар на ФЛУ се претставувале на Венециското биенале

Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува значаен јубилеј – 45 години од своето постоење. Во текот на четири и пол децении, ФЛУ се изгради како реномирана високообразовна институција, центар на креативност, уметничко истражување и развој. Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј беше ретроспективната изложба која е поставена во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, го претставија богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.

Меѓу основачите и првите професори на ФЛУ се вбројуваат еминентни македонски и југословенски уметници кои ги поставија темелите на академскиот пристап кон уметноста и кои со својата визија и посветеност го обликуваа идентитетот на факултетот.

Кога ја подготвувавме изложбата увидовме дека токму претставници на Венециското биенале се голем дел од наставниот кадар на факултетот. Се претставувале и Перчинков, и Мазев и други…, вели Славица Јанешлиева, декан на Факултетот за ликовни уметности.

Годиниве наназад изостанува ликовна критика. Ви недостига ли Вам како автор?

Секако дека недостига. Ликовната критика е неопходност. Ние страдаме од синдром на мала држава. Сите инволвирани во културата, а особено во ликовното/визуелното творештво се познаваме, па претпоставувам дека постои стравот од критика, односно тоа да не биде доживеано како личен конфликт. А всушност секаков вид на критика е добродојдена и дава можност за преиспитување и дебата.

Недостатокот од ликовна критика во Македонија е сериозен предизвик за уметничката сцена и воопшто за културниот развој. Кај нас речиси и да нема активни професионални ликовни критичари кои редовно пишуваат и објавуваат анализи. Тој генерациски јаз на активни ликовни критичари значи отсуството на континуирана и професионална критичка мисла. Ова е делумно и заради фактот што медиумите ретко ја покриваат визуелната уметност на критички и аналитички начин. Прилозите за изложбите се сведуваат на информација, без анализа и проценка. Нема доволно специјализирани емисии и колумни, часописи и онлајн портали кои поддржуваат и охрабруваат развој на ликовната критика.

Општеството, генерално, малку простор посветува на уметностите и нивниот развој. Уметничката критика ја бележи и архивира естетската и културната вредност на одредени дела, изложби, уметнички движења и автори. Таа е дел од историјата на уметност и остава трага за идните генерации. Уметничката критика игра значајна улога во промовирањето на вистинските вредности на уметничките дела и репутацијата на уметниците, ја приближува уметноста до јавноста и го зголемува интересот за визуелната култура. Таа игра улога во оформувањето на вкусот и сензибилитетот на општеството.

Да се биде успешен, долгогодишен и препознатлив автор/ка – креативец, треба да биде соодветно вреднувано. Тоа се ретки и исклучителни личности кои го формираат културниот идентитет на државата.

Отсуството на уметничка критика предизвикува недоволно вреднување на уметничките практики, творештво и автори, недостаток на контекст и анализа на уметничките процеси и пракси во државата, невидливост на уметниците на регионално и меѓународно ниво.

Поврзани вести