Симон Трпчески со оркестарот на Филхармонијата за прв пат настапил на 15 години, реализирал уште неколку заеднички концерти низ годините, а вечерва ќе настапи на роденденскиот концерт насловен „80 години – Љубов“, на кој ќе го изведе „Концертот за пијано и оркестар во а- мол“ од Едвард Григ.
„Мило ми е што сум еве дел од нив. Секогаш кога се свири дома е посебно чувство. А, кога се има повод за особено еден ваков, сериозен и многу голем и убав јубилеј, секако дека чувствата работат со поголем интензитет. И мислам дека тоа се чувства кај сите колеги од оркестарот и им посакувам сѐ најдобро“, вели Трпчески во изјава за Телма телевизија.
Покрај делото на Григ, ќе биде изведена праизведбата на „ Куклици“ од Ана Пандевска, со што продолжува традицијата на нашиот најголем симфониски оркестар за афирмација на домашното творештво, а во завршиницата ќе биде изведена Симфонијата бр 1- „Титан “ , од Густав Малер.
Меѓу гостите на концертот, ќе бидат и директорите на Филхармонијата од Софија и на Симфонискиот оркестар од Солун, пред првиот заеднички настап со нашата Филхармонија, на 17. февруари идната година во салата НДК.
Пред концертот, во фоајето ќе може да се види изложбата на фотографии, од развојот и најважните мигови во опстојот на Македонската филхармонија. А, ќе натапи и хорот „ Мирче Ацев“, со три композиции од основоположниците на овој оркестар, Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев.
Македонската филхармонија е формирана на 24 ноември 1944 година во домот на композиторот Тодор Скаловски. Првично се викала Државен симфониски оркестар. За 80 години постоење , одржала над 2500 концерти, со учество на над 3500 уметници.