
Во просторија на Здружението на пензионери во Велес беше промовирана стихозбирката „Стиховна градина“, која содржи песни напишани од учениците од основните и средните училишта од Велес и велешко. Издавач е Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, а е финансирана од Здружението на пензионери Велес.
Рецензентот на збирката, Нада Алексоска истакна дека песните од оваа издание носат радост, емоции, љубов кон татковината, природата, мајката, како и силни пораки за доверба и спокој во животот. Таа реценцијата ја насловила „Излеана љубов на младите велешки поети“.
Во оваа стихозбирка љубовта кон мајката никогаш не престанува. Во неа се редат песни како слики со многу чувства. Учениците поети во своите песни многу искрено ги изразиле своите чувства.Тие му порачуваат на читателот да си го живее животот среќно и весело, да си ги сака своите ближни и да верува во идното утре, потенцира Алексоска.

Лили Арсова, уредникот на стихозбирката, младите автори ги охрабри да продолжат и во иднина со своето творештво. Таа ги покани учениците да пишуваат и да ја развиваат својата љубов кон поезијата.
Претседателот на Здружението на пензионери, Веле Алексоски ги мотивираше младите автори да се обидуваат и во пишување на приказни и во проза. Воедно најави дека Здружението на пензионери и понатаму ќе продолжи да ги поддржува нивните идни активности.
На промоцијата сите ученици добија примерок од стихозбирката и потоа ја прочитаа својата песна.
Во изјавата за МИА, учениците чиишто песни се содржани во стихозбирката рекоа дека се среќни што нивни песни се нашле во оваа заедничка ученичка стихозбирка. Воедно и дека тоа им е мотив да напишат нови песни, а некои и да објават и своја стихозбирка.

Македонски








