Skip to main content

Промоција на книгите „Лингвистички предизвици“ од Бобан Карапејовски и „Семонимите во македонскиот јазик“ од Емил Ниами

Книгите „Лингвистички предизвици“ од Бобан Карапејовски и „Семонимите во македонскиот јазик“ од Емил Ниами во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ денеска ќе бидат промовирани во Културно-информативниот центар – Скопје.

Книгите ќе ги промовираат проф. д–р Димитар Пандев и проф. д–р Мишел Павловски.

Бобан Карапејовски е роден во 1987 година во Тетово, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2010 година со одбраната на дипломскиот труд: „Заменките тоа, ова, она од референцијална гледна точка“. Во 2012 година го брани магистерскиот труд „Дистрибуцијата на заменските клитики во македонскиот јазик“. Докторирал во 2021 година на тема „Експонентите на категоријата определеност во македонскиот јазик“.

Емил Ниами е доктор по филолошки науки. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата за руски јазик и книжевност во 1999 година. Активно се занимава со преведувањето и тоа како од руски, така и од англиски и од италијански јазик. Има преведено голем број играни и сериски филмови, документарна програма, вести, како и голем број симултани и консекутивни преводи. Во 2007 година ја одбранил магистерската теза „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“ (ментор д-р Красимира Илиевска). Неговите научни интереси се насочени кон лексикологијата, лексикографијата и контрастивната анализа.