
На платото пред музичкиот салон „До ре ми“ во Скопје (кај Младинскиот културен центар) денеска во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата Rock N‘ Beat од Михајло Грбевски-Мишко. Книгата ќе ја промовираат новинарите Тони Димков и Ненад Георгиевски, со музичка поддршка од Јаков Дренковски. Промоцијата е во рамките на манифестацијата Скопско лето.
Во Сули ан вечерва во 21 часот ќе биде одржан концертот „Хаус музика – 40 години љубов, ритам и еднаквост“.
Оваа година се навршуваат 40 години од препознавање на хаус музиката како засебен музички жанр, создаден раните 80-ти во Чикаго, САД. Во нашата клубска култура, овој жанр на музика е доминантен од самите почетоци, а денес е дел од програмата на секој простор каде се ангажира ди-џеј. Во рамките на овогодишното „Скопско лето“ тројца наши хаус ди-џеи, кои вредно работеле изминативе декади на популаризирање на оваа музика во клубовите, но и на медиуми, особено на радио и ТВ емисиите, ќе нè потсетат со забава на отворено на големото значење кое го има овој жанр музика низ декадите клубско живеење. Тоа се Јулијана Милутиновиќ, Зија Вишко и Зоки Бејбе, вели организаторот.