
Во НУ Центар за култура Битола, се одржа премиерата на театарската претстава „Пламенка“, работена по истоимениот роман на Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска Петрушева, а драматург на претставата е Билјана Крајчевска. Претставата е во продукција на Интимен театар Битола и НУ Центар за Култура Битола и е финансирана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
„Пламенка“ е претставата за жената и војната и за тоа како жената во битолскиот крај ги доживувала и ги преживувала сите војни, од турското ропство, па сѐ до Втората светска војна и периодот по неа. Загубата на децата и семејството, загубата на домот и на слободата, како и загубата на вербата во подобро утре се главните теми врз кои е поставен наративот на „Пламенка“. Но, тука се забележува и темата на упорноста и на непокорот, како основни карактерни црти на македонската жена што секогаш била бедем на отпорот!
Во претставата играат: Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Маја Андоновска Илијевски, Валентин Дамчевски и Вероника Евтимова. Сценографијата е на Михаел Димитровски, костимографијата на Андреј Ѓорѓиевски, композитор-Александар Талевски, а кореографијата е на Борис Богдановски.
Следните изведби на „Пламенка“ се на: 17 декември, среда, од 20ч.; 18 декември, четврток, од 19ч. и од 21ч.(има две изведби); 19 декември, петок, од 20ч. и 20 декември, сабота, од 20ч.

Македонски






