Skip to main content
Љутков на „Недела на македонска култура во Тирана“

Преку културата како најсилниот глас на еден народ – глас што не познава граници ја отвораме македонската душа пред албанската публика

Манифестацијата „Недела на македонската култура“ е повеќе од настан. Тоа е сведоштво за живиот дијалог меѓу две пријателски земји, мост што нè поврзува и нè зближува. Преку културата како најсилниот глас на еден народ – глас што не познава граници, преку изложби, музика, театар, преку вкусот на македонските вина, ја отвораме македонската душа пред албанската публика, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

„Недела на македонската култура“ беше отворена синоќа, а ќе се одржува до 30 април во Тирана. Целта е промоција на македонската култура, туризам и економија. Љутков, кој присуствуваше на отворање на манифестацијата, порача дека кога зборуваме за култура, ние не зборуваме само за традиција, уметност или културно наследство туку зборуваме за идентитет, за вредности, за визија.

Манифестацијата е во организација на македонскиот Културно-информативниот центар и Амбасадата во Тирана, ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, албанското Министерство за економија, култура и иновации и Општина Тирана.

-Кога зборуваме за култура, ние не зборуваме само за традиција, уметност или културно наследство туку зборуваме за идентитет, за вредности, за визија. Зборуваме за културна дипломатија – еден од најсилните и најцивилизирани облици на поврзување меѓу народите. Таа не гради бариери, таа урива стереотипи. Таа не се натпреварува – таа обединува, рече Љутков во своето обраќање на отворање на манифестацијата во Тирана.

Тој изрази благодарност за заложбата и поддршката на Владата на Албанија во процесот на враќање на 20-те вредни икони – дел од духовното и културното наследство на Македонија.

-Овој искрен гест на пријателство и заемна почит е од особено значење за културните врски меѓу двете земји. Најважната инвестиција што можеме да ја направиме како влади, институции и општества е инвестицијата во меѓусебното запознавање и културно разбирање. Зашто тоа е темелот врз кој може да се изградат стабилен Балкан и силна Европа, додаде Љутков.

Како што посочи, вистински стабилен и просперитетен Балкан може да се гради само ако народите се запознаваат преку културата, ако се разбираат преку традициите и ако се приближуваат преку заеднички вредности.

-Сакам да изразам благодарност и да ја потенцирам и важноста на македонската заедница во Албанија, која со години е мост меѓу нашите два народа. Нивниот придонес во одржувањето на јазикот, традицијата и културниот идентитет е нешто што длабоко го почитуваме и ќе продолжиме да го поддржуваме. Оваа манифестација нека биде гласно сведоштво дека културата нѐ води напред – достоинствено, автентично и со отворено срце, рече Љутков.

„Неделата на македонската култура“ беше отворена со концерт на Ема Попивода – пијано и Реа Лемнуша – диџеј, во концертната сала на православната црква. На 25 април во културниот центар НОБИС ќе биде отворена изложба на македонска традиционална облека, следниот ден, во познатата „пирамида“ е предвидена дегустација на вино – избор на македонски вина и на 30 април во театарот „Артурбина“ ќе биде изведена театарската претстава „8 отсто“.

Поврзани вести