
Со преку 100 артефакти од археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во прилепскиот Завод и музеј вечерва е отворена изложбата „Зрно по зрно погача“. Локалитетот со првите наоди од пред 8 000 години континуирано се истражува 10 години и нуди докази за првите земјоделци и сточари од Пелагониско, уникатно во европски рамки.
Изложбата за првпат ги спојува старите истражувања на локалитетот од 80-тите години на минатиот век со овие во последните 10 години.
-Сакавме на едно место да покажеме што мислеле неолитските луѓе, како размислувале и како живееле и да се запознае јавноста какво значење има Врбјанска Чука за македонската, но и за светската археологија зашто нуди уникатни артефакти. Го има најголемиот неолитски амбар во Европа, познат и како жртвеник, имаме фигурини, насликани садови со специфични и единствени орнаменти, први семиња на житарки што ги произведувале. На пример, најстариот домашен глушец во Европа е откриен токму на локалитетот. Има повеќе уникатни артефакти што во многу нешта го прави локалитетот единствен во европски рамки, изјави Гоце Наумов, раководител на истражувањата на „Врбјанска чука“ и претседател на Центарот за истражување на праисторијата од Скопје.
Изложбата која е во постојаната археолошка поставка во Музејот е на иницијатива на прилепскиот Завод и музеј.
Изтражувањата на локалитетот Врбјанска Чука продолжуваат, а археолозите се надеват дека ќе стане и туристички атрактивен.

Македонски







