
Новата драма „Црно злато“ на Дејан Дуковски, еден од најизведуваните драмски автори во регионот ќе ја има својата праизведба на 14 март на Големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ во Белградско драмско позориште.
Претставата ја режира хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, кој со овој проект се враќа на белградската театарска сцена по 13 години, по контроверзната претстава „Зоран Ѓинѓиќ“ во Ателје 212, наградена со Гран-при на БИТЕФ. За Дуковски, пак, ова е враќање во Белград по шест години.
Интересно е што „Црно злато“ е прва соработка меѓу Дуковски и Фрљиќ, а во фокусот на драмата е едно семејство погодено од повеќекратни транзиции – општествени, политички, етички и родови.
Приказната започнува со доаѓањето на Ангела – успешна деловна жена која живее во Шпанија. Додека се вплеткува во сложените семејни односи, постепено се открива дека таа е всушност „изгубениот син“ на семејството.
Иако на прв поглед станува збор за приказна за трансвестит на Балканот, во суштина ова е драма за дисфункционално семејство кое се распаѓа, што силно го отсликува времето во кое живееме“, изјави Дуковски на средбата со медиумите.
Дуковски вели дека не е сигурен дали делото може да се дефинира како комедија или трагикомедија, нагласувајќи дека текстот е посветен на неговиот професор, познатиот македонски драмски писател Горан Стефановски.
Во претставата играат Ања Ќурчиќ, Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ.
Работата на проектот траела речиси две години, а авторите најавуваат претстава која низ семејната приказна ќе отвори прашања за идентитетот, општествените промени и транзициската реалност на Балканот.

Македонски

