Skip to main content

„Повеќе од игра“ на Београдско драмско позориште вечерва гостува на РУТА, претставата трае четири часа

Република

„Повеќе од игра“ на Београдско драмско позориште вечерва (20 часот) гостува во Драмски театар во рамки на Меѓународниот театарски фестивал РУТА. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата југословенска држава. Режисер е Иван Вуковиќ. Адаптацијата ја направил Ѓорѓе Косиќ, сценографијата Марија Калабиќ.

Вечерва во Драмски театар публиката ќе може да ужива во компресираната верзија на претстава која како целина ќе биде заокружена на четири часа играње со пауза.

На сцената ќе се појават 23 актери и тројца музичари. Во овој сценски спектакл улогите им се доверени на актерите: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ. Музичари во претставата се: Иван Мирковиќ (хармоника); Никола Драговиќ (виолина); Александар Јован Крстиќ (саксофон).

Роберт Вељановски, директорот на Драмски театар на денешната прес-конфренција на која присустуваше дел од екипата на „Повеќе од игра“ кажа дека тој во Белград ја гледал премиерата која траела шест часа.

Беше супер, тоа беше посебно театарско доживување и затоа инсистирав БДП токму со оваа претстава да гостува на РУТА во Скопје, кажа Вељановски.

Режисерот Иван Вуковиќ на денешната прес конференција истакна дека претставата „Повеќе од игра“ е исклучителен драматуршки предизвик, имајќи го предвид и нејзиниот длабок траг во филмската и во популарната култура на нашиот простор.

Вуковиќ кажа дека процесот на создавање на претставата бил исклучително возбудлив поради фактот што за прв пат експериментирал со режирање по сценарио од телевизиска серија и испириран од ентузијазмот на актерската игра на ансамблот што бил во иста линија на неговото режисерско видување, создале „претстава во три продолжетоци“.

Беше нужно оригиналното сценарио внимателно да се преобликува во три засебни претстави кои можат да функционираат сосема независно, ама и да создаваат обмислена целина, кога се гледаат заедно. Во текот на адаптацијата, настојувавме да ја дочуваме поетиката на Стојановиќ. Има места кои нужно требаше да се допишат и ние како автори ги аплициравме сегментите од неговиот опус – на пример, во дефинирање на женските ликови или во третиот дел од претставата, втемелен врз недовршеното сценарио на Стојановиќ“.

Актерите кажаа дека им е особено драго што играат во претстава која е дело на Слободан Стојановиќ, кој пишувал убави, племенити ликови.

Доста се намачивме, но дадовме се од себе, по премиерата гледачите нам ни аплаудираа, но и ние нив, бидејќи со нас беа шест часа, кажаа актерите на денешната прес-конфренција.

Во театарската белешка за оваа претстава работена по сценариото на Слободан Стојановиќ, за него и неговото сценарио Ѓорѓе Косиќ , правејќи ја адаптација за претставата „Повеќе од игра“ пушува дека Стојановиќ ја поседува авторската дарба за креирање на нагласено живописни целосни ликови. Секој негов јунак, дури и оние кои лесно би ги именувале како здодевни чиновници или сурови полицајци, ја добиваат човечката димензија и стануваат блиски и разбирливи. Ваквиот пристап е препознатлив за Стојановиќ. Тоа е белег на целиот негов сценаристички опус во 70тите и 80те години од минатиот век, кога пишуваше сценарија за едни од најгледаните телевизиски серии во поранешна Југославија. Тој умееше своето имагинарно мало градче, што го нарече „Градина“, во серијата „Повеќе од игра“, да ни го претстави како вистинска заедница на сожители, место во кое – наспроти сите разлики и судири – сограѓаните остануваат меѓусебно поврзани и емпатични.

Поврзани вести