![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/476635648_1185712346891370_6312794686325694858_n-1024x536.jpg)
Полската авторка Мира Марќинув ќе присуствува на промоцијата на македонското издание на нејзиниот роман „Безматичник“ во превод од полски на македонски од проф. д-р Лидија Танушевска“ што ќе се одржи вечер со почеток од 19 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Значењето на ’Безматичник’ е семејство пчели останато без матица, како метафора за ќерката која останува без мајка си, наведуваат од издавачката куќа „Три“ во чие издание е романот.
Промоторка на настанот ќе биде книжевната проследувачка Наташа Атанасова, која низ разговор со авторката, ќе навлезе во острата и сурово збунувачка книжевна и животна реалност, слична на пчеларник без матица. Романот, кој е напишан на жив, современ јазик, според издавачот, може да се чита и како таговна бајка за љубовта меѓу мајката и ќерката, но и за животот на ќерката без мајка.
„Безматичник“ е обид да се пронајде и да се разбере љубовта, желбата да се живее и бегството од смртта. Енергичен и феминистички роман за отсуството, сеќавањата, детството во посттранзициската реалност на 90-тите години. За една безмерна љубов каква што може да постои само меѓу мајка и нејзината ќерка, стои во описот за романот.
Марќинув (1985) е писателка и филозофка, доктор по хуманистички науки и психологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките. Работи во Одделението за логика и когнитивни науки на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките. Авторка е на повеќе трудови: за историјата на полската психијатрија, за меланхолијата, за историјата на идеите, за книжевното лудило, за танцувањето и за животинската психопатологија. Се занимава со филозофија на психијатријата и теоријата на лудилото, со посебен осврт кон полското наследство.
„Безматичник“ е нејзин прв роман. Во 2020 година за него ја добила годишната награда за литература што ја доделува списанието „Политика“.