
Во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка од денеска до втори јули ќе творат десетмина реномирани ликовни уметници од пет европски земји. Тие ќе творат во рамки на 39. издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
На годинашната колонија учествуваат Агнешка Казала од Полска, Теодор Бузу од Молдавија, кој твори во Чешка и Георги Андонов, Бугарија, како и нашите автори – Стефан Хаџи Николов, Мариела Аџигогова, Ивана Настески, Лазо Ѓорѓиевски, Дејан Иванов – Маргуш и Стефан Младеновски.
Уметниците ќе творат по слободен тематски пристап, а како и секоја година, имаат обврска да остават две дела создадени на колонијата во манастирската збирка на колонијата.
И годинава учесниците од различни земји инспирирани и вдахновени од прекрасниот амбиент и сакралноста на целиот комплекс на манастирот ќе творат и создаваат дела што ќе бидат презентирани на завршната изложба на 1 јули во галеријата на манастирот, а во текот на годината, традиционално, делата ќе бидат изложени ширум галериите низ државата. Морам да нагласам дека за следната година се планира одбележување на 40-годишниот јубилеј, во соработка со Општина Крива Паланка, Министерство за култура и туризам, МПЦ, за кога се планира покана за учество на уметници од сите контитенти кои низ децениите го одбележале работењето на колонијата, рече Јордан Михајловски од организацискиот одбор на колонијата.
Продолжува праксата од минатата година, кога градот беше и град на културата, по еден од учесниците на колонијата да биде претставен со изложба, во соработка со ЛУ Градски музеј, Крива Паланка. Годинава тоа е Дејан Иванов – Маргуш, чијашто изложба е закажана за сабота, во градската уметничка галерија на музејот.
На Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, единствена во државата што се одржува во манастирски амбиент, досега учествувале уметници од Кина, Австралија, Казахстан, Египет, Русија, Мароко, Северна и Јужна Америка, Канада, САД, Аргентина и од речиси сите европски држави.
Јубилејното издание се планира да биде со двојно времетрање, најмалку 15 дена, а меѓу останатите, планираме покана и за учество на еден карактеристичен репрезентативен македонски ликовен уметник, по потекло од Крива Паланка, Роберт Глигоров, кој живее и работи во Милано, Италија. Провокативен современ уметник кој досега имал неколку изложби во музеј на современа уметност на Македонија, а го етаблира македонското современо творештво низ Европа, додаде Михајловски.