Skip to main content

Пејковски: „На тивок начин“ не е само наслов, тоа е тишина што не молчи, туку зборува најсилно, најдлабоко и најдолго

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа изложба што ја потврди виталноста и длабочината на современата македонска ликовна сцена. Галерискиот простор беше исполнет до последно место, потврдувајќи го силниот интерес и искрената посветеност на публиката кон уметничкото доживување.

Настанот создаде редок простор на внимателност, концентрација и внатрешна тишина, каде секое дело, секоја боја и секоја форма се доживуваа како живо присуство.

Изложбата „На тивок начин“ на реномираниот македонски уметник Маријан Ѕингаров свечено ја отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски. Во своето обраќање, тој ги истакна длабоките аспекти на оваа поставка, подвлекувајќи дека делата на Ѕингаров не се само визуелни објекти, туку простори на интензивна концентрација и интроспективна интеракција. Директорот нагласи дека изложбата повикува на внатрешна будност и внимателно доживување, каде секој слој боја, секоја линија и секоја сенка стануваат носители на меморија, време и присуство, создавајќи атмосфера во која гледачот не само што гледа, туку активно учествува во создавањето на смислата на делото. Во својот говор, директорот посебно се осврна на ликовната генијалност на Ѕингаров, посебно во оваа последна изложба, нагласувајќи дека станува збор за автор кој ја надминува класичната сликарска рамка и гради современа визуелна филозофија, што би рекле уметност што мисли, чувствува и трае.

На отворањето се обрати и амбасадорката Агнеза Руси – Поповска, која ја истакна важноста на културната дипломатија како мост меѓу народите. Таа нагласи дека изложбите како оваа не се само уметнички настани, туку живи примери за тоа како уметноста може да надмине граници, да поттикне дијалог и да ја афирмира културната и духовната поврзаност меѓу државите. Амбасадорката ја поздрави иницијативата на Македонскиот КИЦ за афирмирање на современата македонска ликовна сцена и истакна дека оваа изложба е вистински доказ за креативниот капацитет на македонските уметници.

Свое стручно видување даде и истакнатиот бугарски ликовен уметник и професор на Ликовната академија во Софија, Момчил Мирчев. Тој го нагласи уникатниот визуелен јазик на Ѕингаров, кој успева да создаде дела што функционираат како автономни простори на мисла, меморија и доживување. Мирчев подвлече дека делата на Ѕингаров се во исто време физички присутни и метафизички отворени, што им овозможува на гледачите да влезат во нивниот внатрешен ритам, да станат дел од процесот и да доживеат интроспективно искуство на трајно присуство.

Изложбата „На тивок начин“ се издвојува по способноста да воспостави длабок и интимен однос со публиката. Делата не се откриваат веднаш, туку бараат внимание, трпение и концентрација. Секој слој, секоја текстура и секоја боја носат трага од времето и создаваат густина што не се исцрпува со еднократното гледање, туку продолжува да живее во свеста на секој посетител.

Формите во сликите на Ѕингаров се движат на границата меѓу материјалното и апстрактното. Контурите се расплинуваат, боите се земјени со акценти на темноцрвена и тиркизна – тонови што асоцираат на традиционалното визуелно наследство, како икони и фрески, но се трансформираат и во современ, личен израз. Ритамот што се создава во овие композиции е внатрешно доживуван, како музика без звук, каде паузата и тишината имаат исто толку значење како и бојата и формата.

Тишината во делата на Ѕингаров не е отсуство, туку активен медиум, медиум на присуство, интензитет и духовна длабочина. Таа ја обликува формата, ја нагласува меморијата на времето и создава простори за размислување, слично како и кај музичките паузи во композициите на големите мајстори.

Од филозофски аспект, овие дела не се само визуелни објекти, туку светови што се живеат. Тие повикуваат на интроспекција, свесност и активно учество на гледачот во создавање на смислата. Во секој контакт со платното, гледачот станува дел од процесот, а доживувањето на сликата се трансформира во метафизичко искуство.

Настанот во Македонскиот КИЦ во Софија уште еднаш ја потврди улогата на оваа институција како културен репер и жив мост меѓу македонската и бугарската уметничка сцена. Простор што не само што ги презентира уметничките вредности, туку создава услови тие навистина да се доживеат.

Со оваа изложба, Маријан Ѕингаров уште еднаш ја потврдува својата позиција како автор што ја надминува класичната рамка на сликарството и гради современа визуелна филозофија т.е. уметност што мисли, чувствува и трае.

„На тивок начин“ не е само наслов. Тоа е став, и естетика на внимателноста, на внатрешната длабочина. Тоа е тишина што не молчи, туку зборува најсилно, најдлабоко и најдолго.

Поврзани вести