Skip to main content

„Оган и ништо“ – по речиси половина век, нов избор од поезијата на Бранко Миљковиќ во препев на македонски јазик

По речиси половина век од објавувањето на претходниот, прв избор од поезијата на Бранко Миљковиќ во препев на македонски јазик, објавен е нов избор од творештвото на големиот српски и јужнословенски поет што меѓу првите ја ослободи книжевноста од пригодноста и дидактичноста, од практицистичките и прозаични, чисто фолклористички потреби. „Матица македонска“ го објави изборот „Оган и ништо“ приреден и препеан од истакнатиот македонски поет, книжевен критичар и преведувач, Раде Силјан, којшто е уште една потврда дека Миљковиќ, мошне автентично ја возвиши поетската реч на пиедесталот на препознатливост во пошироки тематско-естетски рамки.

Новиот избор приреден од Силјан е обемен и критички опфаќа песни од сите книги на Миљковиќ. Претходниот избор од поезијата на Миљковиќ беше објавен во 1979 година, и исто беше приреден и препеан од Силјан, а доживеа преобјави и во 1986. и во 1988 година. „Оган и ништо“ е објавен во оваа, 2025 година, во пресрет на 65-годишнината од трагичната завршница на физичкиот живот на Миљковиќ и по чествувањето на 90-годишнината од неговото раѓање. Всушност, ова издание е и критички избор – резултат на повеќедецинската посветеност на Раде Силјан на поезијата на поетот за којашто самиот тој има напоменато дека е „елоквентна, честопати премногу дотерана, верна на една концепција на книжевноста според која конкретниот предмет, убавината и грациозноста на јазикот се од пресудно значење“. Станува збор за редок случај во маедонски и во јужнословенски рамки – за толкава фасцинираност и посветеност на поезијата на друг поет – претходник и соврменик, и тоа од периодот на раната творечка фаза до зрелата творечка доба на Силјан.

– Да се пишува за поезијата на Бранко Миљковиќ – таа ретка појава во српската книжевност, тоа значи да се препише мигот на времето, да се изедначи убавото и злото, животот и смртта, да се преслика внатрешниот немир на душата, полна емоции, слики и трауми, безредија и духовни противречности. Ни најмалку едноставен, ни премногу егзалтиран, а сепак вдлабочен во светот на минливоста и во врутокот на сопственото јас, во својата поетика Миљковиќ мошне автентично го вбраздил силниот јазик на поетската мисла, притоа оставајќи зад себе песни, без кои ниту една јужнословенска антологија на современата поезија не би можела да се замисли. Една маѓесна сила провејува во поезијата на Миљковиќ. Оттука и авторовата инвентивност секојдневните глетки на животот да ги врами во кругот на поетскиот свет; оттука и мошне лапидарно изразените пораки, беспредметното го прават предметно, нестварното – стварно, измисленото – вистинито… …Тој немир, тој внатрешен порив што како оган и пепел проблеснува од стиховите на поетот, придонесува пораката да се сфати и прифати едноставно и целосно, со верба во нејзината длабока филозофска изнијансираност. Во стиховите на Бранко Миљковиќ има рафинирана музика и уверливи слики; едноставно, во нив е присутен луциден исказ, проткаен со внатрешен мисловен набој, напоменува меѓу другото Силјан во поговорот на изданието.

Според него, тргнувајќи од стихот на Данте како мото: „Се најдов во некоја мрачна шума“, Миљковиќ секогаш е во потрага по клучот на „пропеаниот живот“, кој и во смртта станува „свет за себе“. Во неговите песни меѓу огнот и смртта нема реска граница. Тие создаваат целина, во која поетовата судбина колку што е едноставна, толку е вонпросторна. Во неговата поезија: и чувствата и доживувањата, и животот и смртта се идентификуваат со иднината, се толкуваат како призвук на времето, се дефинираат во една реченица, составена од многу предмети, симболи и метафори.

– Космосот и животната стварност се негова сопственост. Во поетскиот свет тој ги зближува. Оттука и моќта да ги вообличи во една метафора или симбол, да им даде универзално значење, ни дава право да забележиме дека тоа се сродни и блиски светови, автохтоно изразени и олицетворени комплексно и содржајно. Токму затоа Миљковиќ, кога пее за смртта, тој толку присутен збор во неговата поезија, не ја сфаќа како призрак, туку како игра на животот, како прељуба на младоста и како противречност на постоењето. Всушност, таа е вистинита и неизбежна сенка на катадневието, вкоренета во човековата душа, подвлекува Силјан.

Според него, при секое навраќање, при секој нов обид да се анализира поезијата на Миљковиќ се наметнува констатацијата дека тој умееше да пронајде мотив за песна и во ништожни, беззначајни пунктови, но во исто време знаеше и умееше на големите теми да им влее нова и кристална содржинска полнотија; знаеше на љубовта да ѝ ја спротивстави смртта; на надежта да ѝ одговори со младешки занес.

Делото на Бранко Миљковиќ, колку да се расчленува, и колку да се надградува на тлото на Србија, пред сè на поезијата на Дис, Лаза Костиќ, Дучиќ, Васко Попа, Давичо, како и на остварувањата на Елиот, Жак Превер, Хелдерлин, Маларме, Рилке, Мајаковски, Пастернак, Мандељштам, Блок и други, без сомнение, по својата висока уметничка доблест е автентично и неодминливо. Меѓу критичарите постојат различни толкувања и разидувања; изразени се многу пофалби, информативни и аналитички; негирани се доста формални страни во неговата поезија, меѓутоа, заклучокот е речиси идентичен кај сите: поезијата на Миљковиќ е израз на едно време, осмислено сфаќање на огнот и смртта – вдахновено и оригинално.

„Оган и ништо“ се вбројува меѓу изданијата со коишто „Матица македонска“ веќе триесет и петта година, пред македонските читатели ги афирмира и истакнува вредностите на јужнословенскиот книжевен канон, градејќи мостови меѓу македонската и другите јужнословенски културни средини.

Поврзани вести