
Триесет и третото издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кое традиционално почнува на 8 септември, на Денот на независноста, годинава на програмата има 13 остварувања од земјава, Бугарија, Србија и Италија, кои ги одбра селекторот Љупчо Ѓоргиевски.
Фестивалската завеса ќе ја кренат актерите од струмичкиот театар со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер во режија на Благој Мицевски, а со камерни театарски остварувања ќе се претстават и актери на МНТ, Драмскиот театар од Скопје, Народниот тетар од Битола, Кумановскиот театар и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, а на програмата се и две монодрами и копродукциски проекти.
Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи ланскиот лауреат, Долорес Лео Поповиќ.
Фестивалот ќе се одржи од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.