
Факултетот за ликовни уметности – Скопје годинава одбележува значаен јубилеј – 45 години од своето постоење. Во текот на четири и пол децении, ФЛУ се изгради како реномирана високообразовна институција, центар на креативност, уметничко истражување и развој. Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј беше ретроспективната изложба која е поставена во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, го претставија богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.
Јубилеите секогаш значат многу. Особено овој некако е значаен бидејќи се доближуваме до половина век постоење, вели Славица Јанешлиева, декана на Факултетот за ликовна уметност која нагласува дека малку е еден ден за одбележување на јубилејот и затоа одлучиле изложбата во МСУ да трае цела година, вели Славица Јанешлиева, Декан на ФЛУ.
Годиниве наназад изостанува ликовна критика, повеќе проучување на творештвото на жените авторки… Ви недостига ли и Вам како автор?
Секако дека недостига. Ликовната критика е неопходност. Ние страдаме од синдром на мала држава. Сите инволвирани во културата, а особено во ликовното/визуелното творештво се познаваме, па претпоставувам дека постои стравот од критика, односно тоа да не биде доживеано како личен конфликт. А всушност секаков вид на критика е добродојдена и дава можност за преиспитување и дебата.
Недостатокот од ликовна критика во Македонија е сериозен предизвик за уметничката сцена и воопшто за културниот развој. Кај нас речиси и да нема активни професионални ликовни критичари кои редовно пишуваат и објавуваат анализи. Тој генерациски јаз на активни ликовни критичари значи отсуството на континуирана и професионална критичка мисла. Ова е делумно и заради фактот што медиумите ретко ја покриваат визуелната уметност на критички и аналитички начин. Прилозите за изложбите се сведуваат на информација, без анализа и проценка. Нема доволно специјализирани емисии и колумни, часописи и онлајн портали кои поддржуваат и охрабруваат развој на ликовната критика.
Општеството, генерално, малку простор посветува на уметностите и нивниот развој. Уметничката критика ја бележи и архивира естетската и културната вредност на одредени дела, изложби, уметнички движења и автори. Таа е дел од историјата на уметност и остава трага за идните генерации. Уметничката критика игра значајна улога во промовирањето на вистинските вредности на уметничките дела и репутацијата на уметниците, ја приближува уметноста до јавноста и го зголемува интересот за визуелната култура. Таа игра улога во оформувањето на вкусот и сензибилитетот на општеството.
Да се биде успешен, долгогодишен и препознатлив автор/ка – креативец, треба да биде соодветно вреднувано. Тоа се ретки и исклучителни личности кои го формираат културниот идентитет на државата.
Отсуството на уметничка критика предизвикува недоволно вреднување на уметничките практики, творештво и автори, недостаток на контекст и анализа на уметничките процеси и пракси во државата, невидливост на уметниците на регионално и меѓународно ниво.
Нема поголемо задоволство од тоа да работите она што сакате. И самата сте ликовен уметник, па што им порачувате на студентите?
Тоа е точно. Да се работи она што се сака и да се биде успешен во истото е најголемо задоволство. Уметноста нуди слобода на мислата, на изразувањето, на духот. Но слободата не е без одговорност. Таа слобода значи многу часови поминати во работа во ателје, многу истражување за стекнување на знаења и надоврзување за да се дојде до сопствен уметнички израз, оправданост и релевантност на творештвото, многу изложувачко искуство, многу контакти и голем ангажман за постигнување на самозададените цели. Јас сум вљубена во својата професија и уметноста е моја животна вокација. Ликовната/визуелната уметност за многу луѓе не е неопходност, но тие не сфаќаат колку посиромашен е нивниот свет. Уметностите ја предизвикуваат нашата перцепција, ја стимулираат имагинацијата, размислувањето и сфаќањето, не инспирираат и не обземаат збогатувајќи не интелектуално, емоционално и духовно.
Студентите ги советувам да бидат љубопитни, работливи и упорни. Да посветуваат внимание на својот личен развој. Постојано да тежнеат кон исполнување на поблиски и подалечни цели. Само така може да го постигнат посакуваното, ако тоа е успех.
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски