Skip to main content
ИЗАБЕЛА ЈАКИМОВА, АКТЕРКА

Не треба да се плашиме од досадата, ниту децата ниту родителите

В четврток, на 8 мај во 18 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се одржи премиерата на претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, во режијата на Билјана Јовановска.

Претставата е во продукција на МНТ, финансирана од сопствени средства и е наменета за деца над пет години.

Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.

Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација. Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.

Досадата не е непријател – напротив, таа е креативен простор што овозможува децата да се поврзат со себе и со светот околу себе, да размислуваат и да растат. За нас, пораката е да не ги оптоваруваме децата со бесконечни активности, туку да им дозволиме да уживаат во моментите на мир и саморазвој, вели во интервју за „Република“ актерката Изабела Јакимова.

Јакимова: Очекувам децата да уживаат и да се забавуваат /фото: Република

Изабела, Вие сте дел од авторскиот проект на „Жива досада“, а и глумите во претставата. Како изгледаше процесот на пишување на сценариотото? Дали долго размислувавте за темата или беше моментална инспирација?

ЈАКИМОВА: Процесот на пишување на сценариото за „Жива досада“ беше навистина пријатен, но и бевме многу посветени. Пред да почнеме да пишуваме, вложивме доста време во истражување – и на темата и на самите ликови. Сакавме да ја разбереме суштината на она што сакаме да го кажеме, па затоа не се водевме само од моменталната инспирација туку внимателно ги градевме слоевите на приказната. Со разговори, импровизации, обиди и корекции, сè додека не го најдовме вистинскиот глас на претставата.

Која е темата или пораката што сакаш публиката да ја понесе со себе по гледањето на „Жива досада“?

ЈАКИМОВА: Темата на „Жива досада“ е важна за нас затоа што сакаме да ја пренесеме пораката дека не треба да се плашиме од досадата, ниту децата ниту родителите. Понекогаш, создавањето простор за пауза, тишината и неменувањето активности се, всушност, голема добивка. Досадата не е непријател – напротив, таа е креативен простор што овозможува децата да се поврзат со себе и со светот околу себе, да размислуваат и да растат. За нас, пораката е да не ги оптоваруваме децата со бесконечни активности, туку да им дозволиме да уживаат во моментите на мир и саморазвој.

Со оглед на насловот, дали досадата овде е буквална или е метафора за нешто подлабоко?

ЈАКИМОВА: Досадата во „Жива досада“ е повеќе метафора за нешто многу подлабоко. Таа не се однесува само на чувството на досада како такво туку и на потребата од простор и време за размислување, за интроспекција и за креативност. Досадата тука е алатка што ни овозможува да се ослободиме од стресот и да се вратиме на основните вредности и чувства. Таа е начин да се прекине забрзаното темпо на современиот живот и да се создаде простор за вистински контакт со себе и со другите. Понекогаш, токму во тие моменти на тишина и на празнина, откриваме нешто ново за себе и за светот.

Екипата на „Жива досада“ / Фото: Република

Што очекуваш, како би реагирале децата и дали би смениле родителите нешто во своето воспитување по гледање на претставата?

ЈАКИМОВА: Очекувам децата да уживаат и да се забавуваат и таа забава да ја продолжат во реалниот свет, а родителите да си заминат со прашања што ќе им помогнат во понатамошниот развој за дечињата и во гледиштето на светот.

Каква е денешната публика? Дали има глад за вакви авторски дела во македонскиот театар?

ЈАКИМОВА: Денешната публика во македонскиот театар е многу различна и се бараат нови форми на изразување. Многу е важно да се создадат интерактивни претстави, кои не само што ќе го задржат вниманието на публиката туку и ќе ја вклучат во процесот на раскажување. Публиката, особено помладите генерации, има голема глад за авторски дела што не се само забава туку се и едукативни и воспитувачки. Тие сакаат да се идентификуваат со ликовите и со темите што се обработуваат на сцената и да извлечат нешто вредно од претставата. Така што, да – постои голема потреба од вакви авторски дела што ги спојуваат креативноста и образованието.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести