Skip to main content

Монодрамата „Џеки“ премиерно во Драмски театар на 13 февруари

Монодрамата „Џеки“ на актерката Трајанка Илиева-Вељиќ премиерно ќе биде прикажана во Драмски театар Скопје на 13 февруари во 20 часот, на малата сцена.

Монодрамата произлегува од циклусот „Драми на принцезите“ на Елфриде Јелинек, а во режија на Словенката Жива Бизовичар, чија премиера беше во 2024 година во Драмски.

Во „Џеки“ фокусот е ставен на една од најекспонираните жени на XX век – Џеки Кенеди, сопругата на 35-тиот претседател на Соединетите Американски Држави, Џон Ф. Кенеди. Таа е препознатлива и денес: симбол на стил, достоинство и јавна тишина, жена чиј лик е врежан во колективната меморија преку фотографии, гестови и погледи.

Актерката Трајанка Илиева-Вељиќ на денешната прес-конференција во своето обраќање се заблагодари на колешките Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева за поддршката што ѝ ја дале за монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“.

Преку Џеки Кенеди, авторката ја разобличува врската меѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност. Таа е присутна како прилог кон машката историја, како украс и доказ за величината на мажот, дури и во моментот на неговата смрт. Нејзината индивидуалност исчезнува зад симболиката, зад фотографиите, костимот, јавниот гест.

Фото: Драмски театар

Во контекст на циклусот ‘Драми на принцезите’, Џеки Кенеди претставува модерна варијанта на девојката која е жртвувана, не преку директно насилство, туку преку јазикот, медиумите и идеалите за женственост. Смртта тука не е само физичка, туку и симболична — смрт на приватноста, на субјективноста и на автентичниот женски глас“.

Преводот на текстот од германски јазик е на Катерина Шекутковска. Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа драматургот Ник Жнидаршиќ, сценографот и автор на музика Јан Крмељ од Словенија. Костимограф на претставата е Александар Ношпал, фотограф е Филип Кондовски. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.

Билети може да се купат на билетарницата на театарот или онлајн.

Поврзани вести