Skip to main content

МКЦ објави повик за учество на изложбата „Професори и студенти“

Младинскиот културен центар во Скопје, во соработка со Град Скопје, го објави повикот за учество на изложбата „Професори и студенти“, наменета за универзитети и факултети од областа на визуелните уметности и дизајнот во Македонија.

Како што наведуваат од МКЦ, оваа изложба традиционално се одржува секоја година и има за цел да ги поврзе професорите и студентите преку заедничко претставување на нивните дела, при што секој професор може да учествува со едно дело и најмногу со двајца студенти.

Рокот за пријавување трае од 28 април до 12 мај до 17 часот. Делата доставени по истекот на рокот нема да бидат вклучени во каталогот поради продукциски и печатарски причини. Факултетите што ќе аплицираат треба да подготват дигитални фолдери, во кои секој учесник ќе има сопствен подфолдер со фотографија од делото во JPG формат со резолуција од 300 dpi, како и придружна легенда со основни податоци:

Име и презиме, наслов на делото, техника, димензии и година на изработка.

Дополнително, потребно е да се достави и Word документ со кратка биографија за универзитетот и неговата едукативна мисија, заедно со логото на институцијата, известуваат од МКЦ.

Отворањето на изложбата е закажано за 20 мај 2026 година во 20 часот во галеријата на МКЦ. Куратор на изложбата е професор м-р Страхил Петровски, а како контакт лица се наведени Горјан Ѓорѓиев и Инхронакс Ендонакс (Inchronax Endonax). Дизајнот на промотивниот материјал го изработи Петар Новковски.

Поврзани вести