
Од денес, „Матица македонска“ ја почнува летната акција „Со книга на плажа“, годинава под слоганот „Лето создадено од приказни“. Акцијата ќе се одвива во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн, преку „Клуб Матица“, со специјални летни цени за внимателно избран избор на книги.
Во годината кога „Матица македонска“ одбележува 35 години постоење, „Со книга на плажа“ е уште една покана до читателите летото да го поминат со добра книга – на плажа, на патување, дома, во миговите на одмор, но и во миговите во кои приказните стануваат најубавиот личен простор.
Годинашната летна понуда опфаќа речиси 500 наслови од повеќе области и жанрови: светска книжевност, дела од македонски автори, монографии и лектири. Изборот е осмислен за различни генерации читатели – за љубителите на возбудливи романи, за почитувачите на домашната книжевност, за оние што сакаат да ја збогатат личната библиотека, како и за семејствата што навреме размислуваат за лектирните изданија и за книгите што остануваат во домот.
Во летната акција се вклучени и нови наслови што веќе го привлекуваат вниманието на читателите: „Црвениот парфем“, „Шпионскиот брег“, „Ослободи ме“, „Покајание“, „Клетата“, „Париската вдовица“, „Момент на неизбежното“, „Куќата покрај фјордот“, „Црвениот ковчег“ и „Замир“. Тоа се книги што носат различни читателски светови – од напнати заплети и историски судбини, до емотивни приказни и современи книжевни гласови што го задржуваат вниманието до последната страница.
Дел од акцијата се и некои од најпродаваните и најбараните наслови во понудата на „Матица македонска“, меѓу кои: „Кројачот“, „Последната љубовна песна“, „Камен и сенка“, „Аплаудирај штом ќе слеташ“, „Ловец на богатството“, „Сестри на сончогледите“, „Империја на страсти“, „Чуварка на семиња“, „Куќа на светлината“ и „Мрачни тајни“.
„Со книга на плажа“ е дел од јубилејната година на „Матица македонска“ и продолжение на нејзината три и пол децении долга мисија книгата да биде поблиска, подостапна и поприсутна во секој македонски дом. Со оваа кампања, „Матица македонска“ уште еднаш ја потврдува својата определба да ја негува читателската култура и да создава можности добрата книга да стигне до што повеќе читатели.
Акцијата „Со книга на плажа“ почнува денес и ќе биде достапна во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн, преку „Клуб Матица“.
Ова лето, понесете книга со себе.
Зашто најубавото лето е лето создадено од приказни.

Македонски



