
„Смилевски конгрес 2026“ е културна манифестација што го поставува прашањето за заедницата како реален, творечки и јавен чин. Во време на расцепканост, симулирана комуникација и псевдоиндивидуализам, оваа манифестација не нуди носталгија, туку позиција: дека автентичната уметност не настанува во изолација, туку во однос, во судир, во соработка и присуство на Другиот.
Село Смилево нема само историска позадина, туку јадро на значење. Културната меморија на „Смилевскиот конгрес“ не се третира како музејски остаток, туку како отворена можност повторно да се промисли соборот — не како протокол, туку како одговорност; не како форма, туку како заедничко делание. Оттука, манифестацијата не го повторува минатото, туку го активира како прашање упатено до сегашноста: дали денес сè уште сме способни за заедница?
Програмата ја разбира уметноста како простор во кој различни гласови не се поништуваат, туку се артикулираат во заедничко поле на значење. Преку изложби во настанување, трансбалканска уметничка инсталација, концерти и импровизирани музички средби, „Смилевски конгрес“ создава услови за жива средба меѓу уметниците, местото и публиката. Тоа е обид културата повторно да се врати таму каде што ѝ е местото: во заедничкиот простор, меѓу луѓето.
Во фокусот се колективната инсталација „Песната на славејот“, музичката програма со Чалгија саунд систем, Brass Brothers, Летечки Пекинезери, Мојра и Дејание, како и двете изложби во настанување „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“.
Смилевски конгрес не е само фестивал. Тој е став! Дека меморијата не смее да се сведе на декор. Дека уметноста не припаѓа на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето. И дека заедницата, ако навистина постои, мора повторно да се создава. Низ современи уметнички практики и автентични музички гласови, манифестацијата е пробив — не во поделби, туку во заедничарење и соборност.

📜 ПРОГРАМА
1 МАЈ / ПЕТОК
19:00 НАЗАД ВО ИДНИНАТА
Отворање на манифестацијата / Поворка на Brass Brothers до Сретсело
📍 Мост на влез на селото
19:30 ДЕЈАНИЕ ВО ПЛЕВНА
Мини концерт
📍 Плевната под куќата на Даме Груев
20:00 ПЕСНАТА НА СЛАВЕЈОТ
Отворање на уметничка инсталација
📍 Куќата на Даме Груев
21:00 ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ
Концерт на традиционална музика
📍 Сретсело
22:00 BRASS BROTHERS
Концерт на современа брас музика
📍 Сретсело
23:00 JAM SESSION
📍 Кооперација
2 МАЈ / САБОТА
20:00–23:00 ПЕСНАТА НА СЛАВЕЈОТ
Уметничка инсталација
📍 Куќата на Даме Груев
20:00 ДЕЈАНИЕ ВО ПЛЕВНА II
Мини концерт
📍 Плевната под куќата на Даме Груев
21:00 ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ
Концерт на џез музика
📍 Сретсело
22:00 МОЈРА
Концерт на современа авторска музика
📍 Сретсело
23:00 JAM SESSION
📍 Кооперација
Изложби во настанување (1–2 мај):
Интуитивни клепања / Последните селани
Учесници: Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски, Предраг Узелац

Македонски


