Skip to main content

Македонскиот КИЦ во Белград ја заокружи првата година од своето постоење со вечер посветена на бардот на македонската и на српската култура, Зафир Хаџиманов

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград синоќа се одржа музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот го отвори директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој се осврна на културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство што го остави како на македонската, така и на српската култура. 

Во едно исклучително емотивно музичко дружење со неговите најблиски, синот Васил Хаџиманов и легендарната Бисера Велетанлиќ, бројната белграска публика на глас ги пееше големите хитови на Зафир и Бисера, а со долги аплаузи беа поздравени бравурозните интерпретации на Васил Хаџиманов на неколку обработки на традиционални македонски песни, но и неговите теми, „Охрид“ и „Сланкамен“. Премиерно, во чест на својот татко, Васил ја испеа и првата голема фестивалска песна на Зафир Хаџиманов, „Човјек као ја“, која во далечната 1965 година ја компонира Арсен Дедиќ. 

На семејството Хаџиманови, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров му подари неколку раритетни фотографии кои никогаш не биле јавно презентирани, изработени од некогаш познатиот фотограф Иван Иванов. 

„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми, наведоа од КИЦ во Белград.
 

Поврзани вести