Skip to main content

Македонската книжевност одекна од Софија

На 24-ти септември 2025 година, кога есента полека го бои балканскиот воздух со златни нијанси, Македонија проговори. Проговори јасно, со гласот на својата книжевност, со тишината на длабоката мисла, со достоинството на јазикот што сведочи.

Во самото срце на Софија, на четиринаесеттото издание на реномираната манифестација „Ноќ на литературата“, Македонскиот културно-информативен центар го отвори својот прозорец кон Европа. Не како обична културна институција, туку како пулс на една бесмртна земја. Зашто кога Македонија се претставува преку уметност, таа не се прикажува, таа зрачи.

Оваа година Македонија имаше свој глас, глас кој не се заборава. Имаше претставник со книжевна тежина, а тоа беше Владимир Илиевски, автор чии раскази се како древни врежани зборови во камен, а сепак свежи како утринска роса над родната земја.

Овој наш македонски претставник со својата моќна и длабока проза, ги освои срцата на бројната публика која во текот на вечерата постојано се зголемуваше, достигнувајќи меѓу 150 и 200 љубители на словото.

Неговиот збор не беше само звучен, туку жив. Тој раскажуваше приказни кои носат тежина, приказни за болката на оние што заминале, за гордоста на оние што останале, за љубовта што чека и надежта што никогаш не згаснува. Раскази што се како исконски печат на македонската душа, остри, силни и трајни.

Преку неговото творештво, Македонија не понуди само зборови, таа понуди живот. Живот прераскажуван низ ликот на обичниот човек, низ болката на заминатите, низ гордоста на останатите, низ љубовта која чека, и тагата која простува. Неговиот книжевен глас одекна како експресија на народ што не се плаши да постои, затоа што постои бидејќи се борел.

Во еден миг, низ неговите раскази, Македонија беше мајка, љубовница, изгубено дете и стар мудрец. Таа беше и камен и воздух. И збор и молк. Беше сè што не може да се опише, туку само да се почувствува.

Ништо не трогнува повеќе од кога ќе го слушнеш мајчиниот јазик во туѓ град. Во тој миг, не си само слушател, ти си сведок на јазик што живее, јазик што се сеќава, јазик што не умира. Во Софија, македонскиот јазик не беше објаснуван, не беше наметнуван, туку беше чуен. И разбрани беа не само зборовите, туку и чувствата што тие ги носеа.

Тоа не беше само читање. Тоа беше литературно сведоштво на нација која преживеала сè, но никогаш не се откажала од себе.

Македонија преку Илиевски зборуваше за малите луѓе со големи срца, за страдањето што се носи во очите, за љубовта што трае и по смртта. Тоа беше раскошна проза, без кич, без вештачки ефекти, туку само вистина, кажана со чиста мисла.

И токму тоа се случи. Публиката не праша што значи, затоа што превод на душата не може да се направи, тие ја почувствуваа Македонија. Почувствуваа дека Македонија не е само држава. Туку дека таа е совест, таа е трпение, таа е постојаност, таа е достоинство, таа не бара дозвола за да постои.

Во еден свет што брза, Македонија стои непокорно и исправено, како величие што се носи во градите. И таа длабока национална самосвест, е нашето најсилно оружје. Македонија не треба да се докажува пред светот, затоа што доволно е само да се покаже.

„Ноќ на литературата“ беше повеќе од настан. Таа вечер беше потсетник дека Македонија не е изгубена во геополитички лавиринти, туку стои цврсто на културните темели. И тоа не како земја што моли за внимание, туку како тивок дом на еден народ кој своето достоинство го гради со книги, со раскази, со вистини.

Македонското присуство во Софија не беше контра некому, туку за нас самите. Затоа што кога себе си ќе се претставиш чесно, достоинствено и уметнички искрено, тогаш нема потреба од објаснување, туку само од прифаќање.

И затоа треба да кажеме дека македонскиот идентитет не е политички слоган, ниту историски белег што треба некој да ни го верификува, туку жива книжевна вистина што се чувствува и памети. Тој е литературна вистина, оти тој се чита и прераскажува низ зборовите на оние што ја раскажуваат нашата судбина, низ гласот на луѓето кои ја носат со себе, а не над себе, и така храбро преживува низ генерации и генерации. А 74-от настан на Македонскиот КИЦ е сведоштво дека Македонија има што да каже и што да понуди со искрена уметност и творечки импулс.

Со еден збор може да се каже дека сè додека македонскиот јазик го чуваме како најголемо богатство, сè додека автори како Владимир Илиевски раскажуваат кога сите други молчат, Македонија ќе биде тука, силна, жива, непокорена. Македонија и македонскиот јазик не бара место под сонцето, затоа што своето место го носи во срцето. И со тоа место, таа гордо чекори напред. Македонија била, е и ќе биде. Македонија има со што да се гордее. Со својот јазик, стар, звучен, топол. Со својата литература, длабока, раскажувачка, човечка. Со своите писатели, горди ѕвезди на книжевното небо. Со своите читатели, благодарни, свесни и гладни за вистина.

Македонија има со што да се појави пред светот, со уметност, со творба, со достоинствено присуство. И затоа треба да се каже дека Македонија е една и единствена, и таква ќе остане, зашто нејзиниот збор е вистинит, зашто нејзината мисла е стара, но вечна, зашто нејзиниот глас зборува директно од душата. И зашто има луѓе како Владимир Илиевски, кои ќе раскажуваат и кога сите ќе молчат. Македонија не бара дозвола да постои. Таа си припаѓа на себе. И додека има македонски збор, македонски расказ, македонска поезија, македонска уметност, традиција, култура, додека има македонско срце, таа ќе живее.

Во завршницата на настанот, во атмосфера исполнета со симболика и благодарност, беа доделени признанијата „Мостови на културата“ на тројцата истакнати учесници: писателот Владимир Илиевски и актерите Ѓорѓи Георгиев-Антика и Игор Дамјанов. Поводот за доделувањето беше одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија институција што веќе две децении ја претставува, негува и промовира македонската култура пред бугарската и меѓународната јавност.

Благодарниците беа врачени како признание за нивниот значаен и доследен придонес во негувањето и афирмацијата на македонскиот културен израз надвор од националните граници. Нивната ангажираност и уметничка посветеност претставуваат жив пример за тоа како културата гради мостови меѓу луѓето, јазиците и идентитетите.

Поврзани вести