Skip to main content
Соопштени резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2025 година.

Љутков: Ова е момент кој не само што ја потврдува нашата посветеност кон културата, туку и ја нагласува нашата визија за иднината на македонската култура и идентитет

Денеска, на оваа прес-конференција, имам задоволство да ви ги презентирам резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, истакна министерот за култура и тризам Зоран Љутков.

Ова е момент кој не само што ја потврдува нашата посветеност кон културата, туку и ја нагласува нашата визија за иднината на македонската култура и идентитет.

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Овој буџет, кој е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, јасно ја покажува нашата определба за интензивирање на поддршката во културата и уметноста. Во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објавиме посебен конкурс во периодот што следува.

Во однос на распределбата на средствата, би сакал да ве информирам дека Министерството за култура и туризам оваа година стави акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини, секако, не на сметка на другите корисници кои со своите активности квалитативно партиципираат во културниот живот. Во оваа смисла, сакам да потенцирам дека во овие изминати месеци, направивме сеопфатен увид во културата, особено на состојбите во Националните установи. Она што со сигурност можеме да го потврдиме е дека Националните установи се целосно девастирани! Од оваа година, и во следниот период, МКТ ќе се посвети на целосно враќање на сјајот на Националните установи,  како програмски, така и во делот на инвестициско-техничко одржување и кадровско екипирање!

Со правилно планирање на буџетските средства, а врз основа на сеопфатна анализа, видно зголемување на буџетските програми има во дејностите драмска за 40%, библиотечна, меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра за 30%, потоа во визуелни уметности, архитектура и дизајн, како и во издавачка дејност за 25%.

Од оваа година воведовме промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници. Овие промени имаат цел да создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност, а на овој начин ќе се истакне и нивната менаџерска способност. Целта на Министерството е целосно зајакнување на капацитетите на националните установи, а тоа ќе доведе до поголема независност и креативност во планирањето и спроведувањето на културните активности.

Во однос на Годишните конкурси, преку системот за електронско аплицирање пристигнаа вкупно 2 888 пријави, а поддршка добија 1365 проекти кои ќе ја зајакнат позицијата на културата и ќе придонесат за општествениот и економскиот развој на нашата држава.

Како што веќе најавивме при објавувањето на Годишните конкурси, а во насока да осигуриме максимална транспарентност и објективност во евалуацијата на апликациите, донесовме специјални акти што ги утврдуваат видовите на проектите, приоритетите, условите за учество и критериумите за оценување.

Она што е особено значајно е фактот што, во согласност со видовите на проектите, во пријавите за 2025 прецизно беше утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Оваа јасна структура беше основа за транспарентна распределба на средствата.

            Исто така, со посебен акт беа утврдени и критериумите за именување членови на комисиите, чии имиња јавно ги соопштивме, за да ја потврдиме нашата посветеност кон транспарентноста и довербата на јавноста.

Членовите на комисиите, кои се присутни на денешнава прес-конференција и на кои во оваа пригода уште еднаш лично користам можност да им се заблагодарам, во изминатиот период стручно и посветено извршија евалуација на проектите во согласност со исполнувањето на општите услови, кои беа еднакви за сите учесници на конкурсите, како и за исполнувањето на посебните услови, што беа јасно утврдени за секоја област одделно. Воедно, сакам да се заблагодарам на сите колеги, вработени во министерството за култура и туризам, кои професионално се вложија во процесот на носење на Годишната програма за 2025 година.

Следните неколку минути ќе ги посветам за да информирам за суштинските заложби по одделни дејности од областа на културата, и тоа:

Со програмата за инвестиции, оваа година интензивно ќе продолжиме да работиме на изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, НУ Турски театар во Скопје и „Стар театар“ во Струмица, а ќе продолжиме и со реконструкција на објектот на театарот при НУ Центар за култура во Куманово.

Годинава ќе започнеме и со реконструкција на објектот на НУ Музеј на Македонија и со реконструкција – санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар – Битола.

Во годишната програма, исто така, се предвидува и: санирање на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје, санација на делови од објектот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а ќе бидат целосно завршени санацијата и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје.  

Во тек е реализацијата на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, кој е во постапка на промена на инвеститор, а по претходно одобрение од Владата, а тоа е, исто така, предвидено со оваа програма. Во тек е  објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи, односно за испитување на челичната конструкција.

Почитувани новинари,

Со особено внимание кон заштитата на културното наследство, музејската и библиотечната дејност, сакам да информирам дека во овој кус период, направивме суштинска анализа на состојбите во заштитата во сите национални установи и констатиравме сериозен застој на речиси сите проекти. Причината за ваквата состојба е неадекватното планирање на буџети за сериозни проекти, немање план за приоритети, план и динамика за реализација на проектите, што довело до целосна негрижа во оваа клучна дејност.

Ќе нагласам дека во изминатиов период од неколку месеци, стручните екипи на заводите и музеите за заштита на културното наследство низ земјава, во соработка со колегите од Секторот за заштита во Министерството, активно се посветија да направат и да проектираат повеќегодишен план и динамика за реализација и соодветна заштита, презентација и промоција на спомениците на културата, како дел од светското културно наследство.  

Се работи за повеќегодишен план за реализација на приоритетни капитални проекти и тие ќе бидат целосно финансирани во повеќегодишни буџети. Овие проекти ќе бидат целосно завршени во годините што следуваат и ќе бидат ставени и во функција на развој на културниот туризам. Дел од овие капитални проекти се започнати уште во 2013 година и, за жал, сѐ уште не се завршени, како на пример: Трескавец, Курбиново и Аквадуктот, Старо Нагоричино итн. Убеден сум дека со целосна посветеност и со добар план ќе се завршат сите капитални проекти во областа на заштитата. Во следниве неколку години ќе работиме на:

– Скопското Кале и Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани;

– Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник;

– Целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година;

– Целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир;

– Препокривање на црквата во Матејче;

– Капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица;

– Капитален проект е и манастирот „Трескавец“, поточно црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита;

– Капитален проект Шалтер сала – Пошта, која ќе има намена на мултифункционален културен центар. Оваа година ќе се препокрие објектот, а исто така ќе биде изработен и проект за конзервација на ентериерот;

– Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот. За реализација на овој проект имаме и дополнителна финансиска помош од Амбасадорскиот фонд на Американската амбасада во Скопје, со износ од 205 000 долари; 

– Во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски;

– Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители;

– Целосно завршување на Старата џамија во Равен, Гостивар;

Оваа година ќе се работи на изработка на основни проекти на првото училиште во Подвис и првата болница во Ростуше.

Како капитални проекти, целосно ќе се финансираат, историската поставка во Музејот Битола и депото во објектот „Мала станица“ на НУ Национална галерија на Македонија.

Во областа на археологијата, годинава ќе се вложат средства во истражување на локалитетите Корошишта, Била Зора, Манчевци, Баргала – Штип, Стибера – Прилеп, Тумба Маџари.

Во следниот дел, ќе се осврнам кон годишните програми од творештвото, односно проектите по одделни области на културата и уметноста.

Оваа година, Програмата за музичко-сценска дејност е конципирана да ги задоволи потребите на домашната публика, но и потребата од поставување  квалитетни и репрезентативни содржини, со интенција да создаде простор за уметничко остварување на уметниците од сите жанровски профили, во различни музички формации и облици,  вклучувајќи ги и најмладата популација и лицата со попреченост, а во истовреме да овозможи дисперзија на севкупната културна музичка понуда во целата земја.

Она што сакам да го истакнам е дека годинава со особено внимание се пристапи кон младите уметници кои допрва почнуваат да ја градат својата кариера и кои досега не биле финансиски поддржани.

Одобрената програма во оваа дејност, покрај класичните, содржи и проекти од различни жанрови: џез, поп, рок, соул, техно, диџејска музика, популарни обработки на традиционалната музика и др.

Во рамките на програмата, поддржани се повеќе јубилејни проекти на индивидуални музички и танцови уметници. Тука сакам да ги истакнам јубилеите, и тоа 100-годишнините на Кирил Македонски и Властимир Николовски и 120-годишнината на Стефан Гајдов.

Очекувано, годината ќе ја одбележи настапот на ексклузивниот Пласидо Доминго, кој за прв пат ќе настапи во Скопје, и тоа во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет.

Очекуваме содржински и интензивни репертоари во нашите најреномирани национални установи НУ Македонска опера и балет и Македонска филхармонија, како и богата програмска понуда на „Охридско лето“, кои ќе бидат објавени во следниот период.  

Во програмските содржини на фолклорната и сценскоуметничката дејност, покрај зголемената поддршка кон двете најзначајни национални установи „Танец“ и Албански ансамбл за народни ора и песни, во фокусот беа и културно-уметничките друштва, фолклорните ансамбли и фолклорните здруженија кои бележат значајни јубилеи и годишнини. Исто така, со соодветна финансиска поддршка се застапени и многубројни традиционални фестивали и манифестации. Стимулирани се ансамбли и фестивали со живи концертни изведби кои го чуваат, го негуваат и го презентираат изворниот фолклор. Акцент се стави и на унапредување на културниот живот во помалку развиените региони, каде што културата често има ограничен простор за изразување.

Во областа на визуелните уметности , архитектурата и дизајнот, програмата е конципирана со квалитетни, комплексни и разновидни проекти кои ќе донесат забележлив квалитет и избалансирана уметничка програма. Централните изложбени активности ќе се реализираат во Музејот на современата уметност и во Националната галерија на Македонија, кои содржински се разнообразни и вклучуваат  ретроспективно-монографски изложби, одбележување на јубилеи на значајни автори, тематски и проблемски изложби, изложби на рецентни автори, како и проекти од меѓународен карактер, а би ги издвоиле: 90 години од раѓањето на реномираниот македонски автор Стефан Маневски и  100 години од раѓањето на Јордан Грабулоски. Во остварувањето на оваа дејност, покрај националните установи и локалните установи, значајна поддршка за остварување на своите активности добија и многубројни корисници од невладиниот сектор и физички лица. Во рамките на програмата за визуeлни уметности, посебно место имаат и проектите наменети за најмладата популација, кои се во функција на на препознавање вистински уметнички вредности, градење млада публика и афирмација на ликовната уметност кај најмладите.  

Во годишната програма за  драмска дејност, очекуваме да се реализираат 57 премиери во организација на националните театри, што претставува за 40 % зголемена продукција и двојно поголема финансиска поткрепа во однос на изминатите години. Воедно, поддршка добија и над 40 професионални и аматерски претстави во организација на театарски продукции. Соодветна поддршка добија и 20 театарски фестивали и манифестации.  

Исто така, оваа година ќе ги поддржиме јубилеите на националните установи, и тоа: Македонскиот народен театар од Скопје, кој годинава ќе прослави 80 години од основањето, додека Албанскиот и Турскиот театар од Скопје и Прилепскиот театар ќе одбележат 75 години од основањето.

Во однос на програмските содржини, застапени се многу режисери од сите генерации, кои ќе реализираат премиери по текстови од врвни дела од светската драматургија, како и дела на значајни автори од домашното творештво.

Во најобемната област по број на пријави, литературата и издавачката дејност, комисијата имаше исклучително тешка и комплексна работа. Од прегледани над 1000 пријави, поддржани се речиси половина. Во листата на предложени проекти се застапени понови жанрови, како: слем-поезија, стрип-литература, графички романи, инклузивни книги за деца со попреченост, хибридни изданија со Брајово писмо и др. Поддржани се оригинални дела од врвни македонски писатели и академици, монографии и академски стручни публикации, превод на литература од странски јазици, електронски публикации, е-книги и дигитални изданија, детска литература и публикации на истакнати автори и дела на дебитанти.

Сакам да истакнам дека 2025, е година во која Македонија одбележува „80 години од кодификацијата на современиот македонски јазик“, а за таа цел, формиран е одбор кој ќе подготви соодветна годишна програма. Во тој контекст, во годишната програма од издавачка дејност се поддржани проекти – научни трудови и академски книги од областа на македонистиката.   

Што се однесува на меѓународната дејност, во програмата за 2025 година поддршка добија проектите што ќе се реализираат во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на Република Македонија (земјите претседавачи со ЕУ во 2025 година – Република Полска и Данска, европските престолнини на културата, земјите со кои  Македонија има потпишано програми, меморандуми, протоколи, договори за соработка и спогодби за соработка во областа на културата). Годинава ќе работиме на проекти кои се во функција на промоција и афирмација на културното наследство и современото уметничко творештво  на Македонија во странство; учество на реномирани меѓународни манифестации и фестивали; усовршување и размена на стручни лица од областа на културата и уметноста; партиципација и активен придонес во работата на меѓународните мрежи; проекти кои се во функција на поврзување со дијаспората, односно унапредување на соработката со земјите каде што има најголем број иселеници од  Македонија; проекти кои ги промовираат активностите на маргинализираните лица, на лицата со попреченост и на лицата во социјален ризик во странство.

Исто така, се поддржаа многубројни проекти со чиј квалитет ќе се придонесе кон зголемување на видливоста на програмите на културно-информативните центри во странство.

Сакам во оваа пригода да најавам дека веќе од месец март, ќе започне со програма и со свој простор да функционира Културно-информативниот центар во Белград, во Република Србија.

Ве уверувам, нашата посветеност кон културата е посилна од кога било, и заедно, ние ќе создадеме светла иднина за македонската културна сцена.

Сакам да ве информирам дека резултатите од конкурсите ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам по завршувањето на оваа прес-конференција.

На крајот, им посакувам на сите поддржани корисници успешна реализација на проектите од национален интерес во културата за 2025 година. Уверен сум дека културата конечно ќе си го заземе своето заслужено место во нашето општество и ќе претставува платформа за креативност, иновативност и динамичност.

Културата не само што ја збогатува нашата идентитетска разноликост, туку и  игра клучна улога во меѓусебниот дијалог, заедништвото, размената на идеи и градењето мостови помеѓу различни заедници. Заедно, со вложување во културни проекти, ние инвестираме во иднината на нашето општество, поттикнувајќи нови перспективи и можности за сите нас. Ви благодарам за вашето внимание и поддршка, и се радувам на идните проекти, за кои сум убеден дека видно ќе го подигнат нивото и ќе донесат видливи и успешни резултати.  

Поврзани вести