
Во Чифте амам синоќа беше отворена изложбата на современи австриски уметници „Флора-Фауна-Покриви/Пирх-Лајрер-Пирх“, во организација на Националната галерија на Република Македонија и Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија. На изложбата е претставено современото австриско сликарство инспирирано од пејзажи, урбани мотиви, флора и фауна.

Ми претставува особена чест и задоволство што вечерва, во уникатниот амбиент на Чифте Амам – просторот во кој историјата и уметноста се сретнуваат, ја отвораме изложбата на дела од уметниците Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх, насловена „Флора Фауна Покриви“, рече во своето обраќање министерот за култура, Зоран Љутков.

Со оваа изложба македонската публика има можност да се запознае со интересни уметнички интерпретации инспирирани од природата, животот и просторот што не опкружува. Иако секој од авторите има свој препознатлив израз, она што ги поврзува нивните уметнички светови е внимателното набљудување на реалноста и посветеноста на деталот – пристап кој не потсетува дека токму во малите нешта честопати се крие големата убавина.
Оваа изложба е културен настан кој ја носи свежината од пријателска Австрија, но и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски.
Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи културната соработка има особено значајна улога – таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни партнерства меѓу институциите и уметниците од двете земји.
Во таа насока сакам да упатам искрена благодарност до амбасадорот Памер за поддршката и одличната соработка што ја негуваме, соработка која континуирано ја продлабочува културната врска меѓу нашите две држави и ја прави уметноста уште подостапна за сите нас.
Сакам да потенцирам и дека особено ми е драго што оваа изложба се реализира во Националната галерија, институција која континуирано отвора простор за меѓународна културна размена и уметнички дијалог.
Убеден сум дека поставувањето на изложбата „Флора Фауна Покриви“ ќе биде предизвик и вистинско визуелно доживување за посетителите и секако убав придонес кон културниот живот на градот.
На изложбата се претставени дела од австриските уметници Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер, чии уметнички дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува. Изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на Рабницталските сликарски недели – во покраината Бургенланд, Австрија.

Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура. Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ја истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти.
И покрај нивната стилска различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничко уметничко потекло, долгогодишна соработка и заедничко разбирање за значењето на природата, просторот и секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.
Изложбата претставува уште еден значаен културен настан што ја продлабочува соработката меѓу Австрија и Македонија, реализиран со поддршка на австриската амбасада во Скопје, Националната галерија, како и партнерите и спонзорите на проектот: Министерство за култура и туризам на Република Македонија, Prime Moving, Casinos Austria International Macedonia.

Македонски

