Skip to main content

Ликовната изложба „Гумено време“ на Ана Ивановска во галеријата на Македонскиот КИЦ во Истанбул, Турција. 

Македонски КИЦ во Истанбул

Ликовната изложба „Гумено време“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена во вторник, 15 април 2025 во 19 часот во галеријата на Македонскиот Културно информативен центар во Истанбул, Турција. 

ГУМЕНО ВРЕМЕ

Проектот „Гумено време претставува визуелно истражување на глобалните настани и нивните последици врз индивидуалното и колективното искуство. Пандемијата, војните и тековните конфликти трајно го трансформираа секојдневието, создавајќи чувство на неизвесност – време што се развлекува и истегнува, како гума, без јасен исход.

Делата овозможуваат непосредна интеракција со набљудувачот, отворајќи прашања за личната и општествената трансформација. Фокусот е ставен на внатрешната трансформација, различните ментални состојби, ситуации и чувства што произлегуваат од оваа нова реалност.

Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите кои содржат повторувачки елементи на маски и ракавици кои формираат вистинска решетка, позади која се наоѓа уста која останува „Без здив“. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности. Тоа се дела настанати преку истражување, експериментирање и комбинација на фотографија (фотомонтажа) и други материјали.

Низ проектот „Гумено време“ сепак, провејува нишка на надеж, повикувајќи нè да го негуваме чувството на задоволство и исполнетост преку пронаоѓање на сопствениот внатрешен мир – преку љубов, поврзаност и заедништво. Целта е да се поттикне поголема свесност за моментите што често остануваат незабележани, создавајќи нова перцепција за нашето опкружување. Овој стремеж произлегува од вечната човечка потреба за самоспознание и чувство на единство со универзумот.

БИОГРАФИЈА

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2006). Во 2007 год. го завршува Педагошкиот оддел а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет.

Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и еден од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 – 2011) и групата „МОМИ“ (2012). Сопственик е на ТП уметничка работилница КРЕАТИВНА СЛОЖУВАЛКА (2014) и имаше статус на самостоен уметник (Министерство за култура) од 2015 до 2023 година. Била член на жирито на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (2022/23) и член на Управниот одбор на BIEAF 2023/2024, меѓународен уметнички фестивал за животна средина во Бусан, Ј. Кореја организиран од Јусанг Ли (2023).

Реализирала 22 самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Ана ја доби годишната награда „Денес” за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности (2008), Наградата за вајарство доделена од ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020), наградата за „10 најдобри светски уметници“ од BIEAF на 21. Интернационален фестивал за еколошка уметност во Бусан, Јужна Кореја за изложбата „Старата иднина“(2025) и беше претставник на Р.М. на интернационалниот натпревар на 7мите Франкофонски игри во Ница, Франција (2013).

Остварила уметнички престои во Тирана, Албанија, Културно-информативен центар на Р. Македонија (2024); галерија MЦ, Њујорк, САД (2022); CreArt, Скопје, Р.Македонија (2020); Папрадиште, Р.Македонија, (2019); Тирана и Корча, Албанија, „Галерија Кало“ (2019); Берлин, Германија, „Прима центар“ (2018); Париз, Франција, “Cite Internationale des Arts” (2014); Виена, Австрија, Австриско Федерално Министерство за образование, уметност и култура (2011); Њујорк, САД, YVAA (Young Visual Artist Award) во програмата ISCP (International Studio and Curatorial Program) (2009).

Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, објект, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж. Нејзините дела ја истражуваат врската меѓу природата, индивидуата и општеството, балансирајќи спротивности како микро и макро космос, живот и смрт, духовно и материјално. Преку имерзивни инсталации, таа го трансформира просторот и перцепцијата, повикувајќи на размислување за егзистенцијата.

Поврзани вести