
На својата претпоследна дискусија за доделувањето на наградата за најдобар превод „Драги“ жири комисијата во состав д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови) одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици.
Финалисти за наградата „Драги“ за 2025 година се: Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година, Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година, Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година, Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година.
Во партнерска соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје соопштувањето и доделувањето на наградите „Драги“ ќе се случи на 2 октомври (четврток)во 10.30 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.
Како што е веќе соопштено годинашни добитници на меѓународната награда „Драги“ 2025 за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор се Кристина Е. Крамер и Роли Грау, за преводот од македонски на англиски јазик на книгата Долго доаѓање на огнот (The Long Coming of the Fire) од Ацо Шопов, објавена во 2023 година од американската издавачка куќа “Deep Vellum Press”. Свеченото доделување првпат се случи во Охрид, на 11 септември од 11.30 ч. во Конгресниот центар на УКИМ, а во рамки на XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика. Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шоповпо беше објавен по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на авторот и претставува културен и книжевен настан од прв ред во афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините национални граници. Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато.