Skip to main content
Мустафа Имери, директор на Филхармонија:

Културата е најсилниот дипломатски инструмент, таа гради мостови, онаму каде што политиката не наоѓа пат

Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва гостува во Солун, како продолжување на проектот кој започна во февруари во Софија каде имаа заедничка изведба на сценската канатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.

На ова гостување диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контра тенорот Николас Спанос од Грција.

Изведбата на грандиозното дело до Карл Орф ќе се одржи во Концертната сала во Солун, со почеток во 21 часот.

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела кое има статус на музички „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Codex Buranus“. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот.

За настапот на Македонската филхармонија, културната дипломатија, големиот јубилеј, следните гостувања, но и новата сезона разговаравме со директорот на Филхармонија, Мустафа Имери.

Три оркестри заедно во нова изведба на „Кармина Бурана”- Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар од Солун на 30 јуни со заеднички настап во Солун ќе испратат нова моќна порака за соработка и културно единство. Како прв човек на Филхармонијата, што значи, според Вас, ваквиот настап за регионот, за културната соработка, но и за културната дипломатија?

Културата е најсилниот дипломатски инструмент, таа гради мостови, онаму каде што политиката не наоѓа пат. Доказ за тоа е заедничкиот проект на трите оркестри од регионот – Македонската, Софиската филхармонија и Државниот оркестар од Солун кои заедно премиерно го изведоа грандиозното вокално -инструментално дело „Кармина Бурана“ во Софија во февруари оваа година. Со солисти од трите земји, со врвната сопранистка Ана Дурловски од Македонија, музичарите покажаа дека музиката нема граници, дека уметноста е универзален јазик кој го разбираат сите и што е најважно од се, дека уметноста и културата се најголемите амбасадори на нашата земја во светот. Сега на 30 јуни, овој заеднички проект ќе се повтори и во Солун, и таму ќе испратиме нова порака за пријателство и заедништво, се надевам дека ќе успееме да го повториме уште еднаш и во Скопје. Инаку ова не е првпат музичарите од Балканот да се здружат во заеднички проект. Во 2000 година, на иницијатива на Македонската филхармонија, беше започнат проектот Балканска филхармонија, во кој учествуваа музичари од сите балкански земји. Три концерти беа одржани во Скопје, од кои првиот се одржа под диригентство на маестро Емил Табаков, при што беше изведена Бетовеновата Деветта симфонија. Како солисти настапија вокални уметници од Македонија, Бугарија, Романија и Албанија, а соработката беше поддржана од Хорот на Македонската опера и балет и Хорот на Македонската радио-телевизија. Во продолжение на успехот, во 2001 година беше одржан вториот концерт, на кој беше изведена Симфонијата бр. 2 „Барбара“ од Властимир Николовски и Симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Третиот концерт се одржа во 2002 година, со изведба на Симфонијата бр. 2 „Воскресение“ од Густав Малер.

Годинава Македонската филхармонија одбележа 80 години постоење.  Имаше богата програма преку цела година, но кулминација беше роденденскиот концерт „80 години – Љубов“. Какви се Вашите впечатоци од одбележувањето на јубилејот?

Оваа сезона беше исклучително важна и значајна за нашата институција. Одбележавме 80 години од основањето, бројка која говори многу, во која се интегрирани многу значајни солисти и диригенти кои настапиле со оркестарот на Македонската филхармонија. Како најстара институција од културата во земјата, покажавме дека сме најдобри реперезенти на класичната музиката кај нас, но и достојни амбасадори на нашата земја секаде каде што настапуваме. Со врвни солисти и диригенти и впечатлива програма во јубилејната сезона достојно го одбележавме јубилејот. Продолжуваме со ист жар и понатаму, не очекува еднакво интересна и возбудлива сезона и од октомври. 

По настапот во Солун, Македонската филхармонија настапува на „Охридско лето“. Дали се предвидени уште некои гостувања? Каде се македонските музичари ќе настапат?

По настапот во Солун, настапуваме на отворањето на фестивалот „Охридско лето“, исклучително важна манифестација на која секогаш со задоволствтво и чест настапува оркестарот на Македонската филхармонија. Гостувањата надвор од нашата земја, како што знаеме и докажавме до сега, се исклучително важни, посебно за јакнење на културната дипломатија. Од такво значење ќе биде и настапот на нашиот оркестар во „Златната сала“ на Музиферајн во Виена во октомври, на една од најпрестижните концертни сцени во светот – за првпат во историјата на нашата институција. Не очекуваат значајни гостувања и во 2026 година, за кои ќе бидете информирани кога ќе биде одобрена програмата од Министерството за култура и туризам.

Новата сезона е на прагот. Што подготвувате за  љубителите на класичната музика?

Подготвуваме уште една незаборавна музичка сезона исполнета со врвни музички имиња и дела кои оддамна или никогаш не прозвучеле на нашата музичка сцена. Новата концертна сезона 2025/2026 официјално ќе ја отвориме на 2 октомври, со нашиот шеф диригент Јерухам Шаровски, а како солист ќе настапи врвниот виолончелист Сантјаго Канон Валенсија од Колумбија. Ја насловивме „Без филтер“. Мислам дека симболиката е јасна – она што ние го правиме на сцена, не подлежи на никакви вештачки разубавувања, изведбата е „сирова“, без шминка, интерпретирана од нашите музичари на само еден концерт, без можност за реприза. Затоа нашите концерти се единствени, бидејќи публиката не може да ги чуе уште еднаш. Се надевам дека нашата публика ќе ужива и од октомври со оркестарот на Македонската филхармонија бидејќи имаме подгтовено одлична програма и во новата сезона. 

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести