Skip to main content
Бошко Грујоски, директор на Кинотека

Кинотеката 50 години е чувар на колективната меморија

Филмот е единствената уметност што го запира времето, а Кинотеката е институцијата што се грижи тоа време никогаш да не избледи. Годинава, Кинотека на Македонија го одбележува својот голем јубилеј – 50 години од основањето, пет децении во кои се чуваат, реставрираат и промовираат подвижните слики што го дефинираат нашиот национален идентитет.

Прв човек на оваа куќа на филмот повторно е Бошко Грујовски – човек кој повеќе од 15 години го дише воздухот на филмските архиви. Со него разговараме за предизвиците на дигиталната ера, за заштитата на капиталните остварувања како „Фросина“ и „Мирно лето“ кои и самите слават значајни годишнини, но и за визијата Кинотеката да не биде само нем архив, туку жив културен центар кој ќе ја едуцира и инспирира новата генерација филмофили.

Како се чуваат лентите што го преживеале минатиот век и што ни носи „златниот јубилеј“ на македонската кинематографија сподели Грујоски во разговорот за „Република“ пред големиот јубилеј на институцијата.

Кинотеката веќе 50 години е „чувар на меморијата“. Како би ја опишале еволуцијата на Кинотеката од нејзиното основање во 1974 година до денес? Кои се најпреломните моменти во овие пет децении?

Кинотеката на Македонија, основана во 1974 година, своето делување го започнува како институција со јасно дефинирана мисија – систематско собирање, заштита и чување на филмското наследство. Во тие рани години, фокусот беше првенствено на физичката заштита на филмската лента како материјален носител, што претставуваше сложен и одговорен процес во услови на ограничени ресурси.

Со текот на времето, особено по осамостојувањето на државата, Кинотеката ја проширува својата улога – од пасивен архив станува активен учесник во културниот живот. Се воспоставуваат нови стандарди за архивирање, се градат современи депоа со контролирани услови, а институцијата постепено се отвора кон јавноста преку програми, проекции и фестивали.

Еден од најзначајните пресврти е воведувањето на дигитализацијата и реставрацијата, што овозможи филмовите да бидат не само зачувани, туку и повторно достапни за публика. Денес, Кинотеката функционира како динамичен културен центар – простор на меморија, но и на современа културна продукција, каде што минатото и сегашноста постојано комуницираат.

Што значи овој јубилеј за македонската култура во поширок контекст – дали доволно ја цениме тежината на нашиот филмски архив?

Педесетгодишнината на Кинотеката претставува редок и значаен јубилеј, кој ја надминува рамката на институционално одбележување – тоа е културен настан од национално значење. Филмскиот архив не е само збир на стари филмови и филмски материјали; ние секогаш се стремиме таа да стане жива ризница на визуелната историја на едно општество.

Преку филмовите се документираат не само уметничките тенденции, туку и социјалните, политичките и културните промени низ времето. Во таа смисла, Кинотеката е чувар на колективната меморија.

Сепак, прашањето дали доволно ја цениме таа вредност останува отворено. Во последните години се забележува зголемен интерес, особено кај младата публика, но неопходно е континуирано вложување – и финансиско и едукативно – за да се одржи и развие оваа свест. Јубилејот е токму можност да се потенцира значењето на архивот како суштински дел од културниот идентитет.

Вие сте дел од оваа куќа повеќе од 15 години. Кој настан или пронајдок во архивите за Вас лично го обележува овој јубилеј?

Работата во Кинотеката повеќе од 15 години носи бројни моменти на професионално и лично исполнување. Архивата е место каде секојдневно се среќавате со историјата, но и со нејзините „скриени слоеви“. Тоа не е само простор за чување, туку жив организам во кој секој документ, секоја филмска лента или фотографија има своја приказна што допрва треба да се раскаже.

Еден од највпечатливите моменти е процесот на откривање и обработка на долго заборавени филмски материјали – оригинални негативи, работни копии, фотографии од снимања, па дури и лични белешки на авторите. Тие материјали често отвораат нови перспективи за веќе познати филмови, откривајќи детали за креативниот процес, продукциските услови и авторските одлуки кои не се видливи во финалната верзија на делото.

Особено значајно е кога овие откритија прераснуваат во процес на дигитална реставрација – момент кога филмот, по децении, повторно „оживува“ на платно. Но дигитализацијата не е само технички чекор, туку суштински влез во новата ера на филмското архивирање. Таа овозможува не само заштита, туку и повторна достапност, нов живот и нова публика за делата.

Истовремено, овој процес бара внимателен баланс – држење чекор со најсовремените технологии, но и доследно почитување на етичките принципи на филмската реставрација. Тоа значи дека интервенциите мора да бидат суптилни, реверзибилни и верни на оригиналната авторска визија, без „преправување“ на историјата.

Токму во тој спој на технологија, знаење и одговорност лежи вистинската вредност на архивската работа. А моментот кога публиката за првпат гледа реставрирана верзија – чиста, стабилна, со обновен звук и слика – е можеби најсилната потврда дека минатото може да биде не само зачувано, туку и повторно доживеано на начин кој комуницира со современиот гледач.

Празничната програма ќе се реализира под мотото „Половина век филмска меморија“. Што ќе може да види публиката?

Празничната програма не го опфаќа само месецот на роденденот на Кинотеката  месец април, туку таа е конципирана како патување низ историјата на македонскиот филм во текот на целата година. Публиката низ целата година ќе има можност да види внимателно селектирани филмови од различни периоди, вклучувајќи ги и ретко прикажуваните архивски материјали. Воедно, програмата ќе вклучи разговори, презентации и едукативни сегменти, со цел не само да се прикажат филмовите, туку и да се контекстуализира нивното значење. Јубилејот е одлична можност за продолжување на традицијата на проекции на отворено, што има посебна емоционална вредност за публиката.

Дали за овој јубилеј се подготвува капитално издание – монографија или специјален број на „Кинопис“ кој ќе ја сумира историјата на институцијата?

Јубилејот е силен поттик за издавачка активност. Во подготовка се публикации кои ќе ја документираат историјата на Кинотеката, но ќе понудат и критички осврт на нејзината улога во културниот систем. Се подготвува и специјално издание на списанието „Кинопис“, кое ќе обедини научни текстови, архивски документи, интервјуа и визуелен материјал. Целта е да се создаде издание кое нема да биде само ретроспектива, туку и основа за идни истражувања.

Покрај изданието на „Кинопис“, оваа година ќе издадеме и специјална монографија по повод јубилејот – 50 години од постоењето на Кинотеката, во чии страници ќе бидат опфатени зачетокот, создавањето и развојот на институцијата.

Исто така, од особено значење за филмолошката дејност е и подготовката на уште една монографија, посветена на еден од најзначајните македонски филмски автори – Столе Попов, чие творештво претставува автентично сведоштво за настанувањето и развојот на македонската кинематографија.

Сите овие изданија се од исклучително значење за одбележувањето на јубилејот, бидејќи претставуваат обемни и темелно подготвени дела кои не само што ја документираат историјата и развојот на институцијата и македонската кинематографија, туку ќе останат и како трајни референтни материјали за идни истражувања, анализи и проучувања во областа на филмот.

Секако во годината кога Кинотека го прославува својот јубилеј во подготовка е и монографија за нашата институција.

Од она што во овој момент можам да најавам, а без да навлегувам во детали пред финализирањето на процесот, е дека Кинотеката е на прагот да комплетира еден исклучително значаен филмски фонд – материјал од особена вредност не само за македонската кинематографија, туку и за поширокиот културен и идентитетски контекст.

Станува збор за архивски материјали кои со децении биле надвор од институционална заштита, а чие интегрирање во фондовите на Кинотеката ќе значи нивно трајно зачувување, научна обработка и, што е најважно, нивно повторно ставање во функција на јавноста.

Преговорите за откупување се во завршна фаза, и токму тука би сакала да ја истакнам улогата на една општествено одговорна македонска компанија, чија финансиска поддршка овозможува овој процес да се реализира. Овој пример јасно покажува дека грижата за културното наследство не е само институционална обврска, туку заедничка одговорност.

Верувам дека по официјализирањето ќе имаме можност подетално да го претставиме овој фонд пред јавноста, и тоа ќе биде навистина значаен момент – не само за Кинотеката, туку и за македонската културна меморија во целина.

Кинотеката традиционално ја доделува наградата „Златен објектив“. Како јубилејот ќе влијае на изборот на добитниците на оваа традиционална награда годинава?

Наградата „Златен објектив“ претставува едно од најзначајните признанија во македонската филмска култура. Таа не е само награда за животно дело, туку и еден вид институционална потврда дека делото на одреден автор станува траен дел од нашата културна меморија. Со неа, Кинотеката не само што оддава почит, туку и симболично го „впишува“ придонесот на лауреатите во историјата на националната кинематографија.

Во изминатите години, „Златен објектив“ им е доделен на низа истакнати филмски автори и професионалци – режисери, продуценти, сценаристи, сниматели – имиња кои суштински го обликувале македонскиот филм. Токму таа континуирана линија на лауреати ѝ дава дополнителна тежина на наградата: таа не е моментален гест, туку дел од еден поширок процес на валоризација и историско препознавање.

Како институција која се занимава со зачувување на филмското наследство, Кинотеката има и обврска да ги препознае и истакне луѓето зад тие дела. „Златен објектив“ во таа смисла е мост меѓу генерациите – потсетник дека филмската уметност е колективен напор и дека нејзиниот развој се темели на континуитет.

Оваа година изборот беше навистина јасен. Без да откривам повеќе во овој момент, можам да навестам дека станува збор за директор на фотографија – автор чиј визуелен потпис оставил длабока трага и помогнал да се дефинира естетиката на македонскиот филм. Верувам дека тоа ќе биде признание кое публиката и професионалната заедница ќе го препознаат како заслужено.

Како планирате да го трансформирате имиџот на Кинотеката од „архив“ во жив „културен центар“ кој ќе биде атрактивен за генерациите што доаѓаат?

Современата Кинотека не може да остане затворена во рамките на класичниот архивски модел. Затоа, во последните години се вложуваат напори за трансформација во отворен, интерактивен културен центар. Тука е нашето препознатливо кинотечно кино, кое е свратилиште на филмаџии и филмофили – вљубеници во седмата уметност, нашата верна кинотечна публика. Киното на Кинотеката е препознатливо, а тоа се постигна со подготвување на квалитетни фестивали, едукативни програми, соработки со млади автори, како и преку интердисциплинарни проекти кои го поврзуваат филмот со други уметности. Особено важен сегмент е работата со млади – нивно вклучување не само како публика, туку и како активни учесници во создавањето на содржини.

Дали во рамки на јубилејот планирате нови дигитални реставрации на култни македонски филмови кои публиката ќе може да ги види во највисок квалитет?

Дигиталната реставрација е еден од клучните приоритети на Кинотеката, но важно е да се нагласи дека станува збор за долгорочен, сложен и финансиски многу комплексен процес. Не се работи за еднократна активност, туку за континуирана грижа за филмското наследство што бара експертиза, време и сериозни ресурси.

Во изминатите години реализиравме повеќе значајни реставрации, со што македонските филмови добија нов живот и станаа достапни во современ дигитален формат. Ова е особено важно за фестивалите и за младата публика, која ги гледа овие дела првпат во ваков обновен квалитет.

Оваа година, во рамки на јубилејот, работиме на дигитализација и дигитална реставрација на два значајни филма – „Волчја ноќ“ и „Солунски атентатори“. Филмовите ќе бидат прикажани пред публиката во своето обновено издание, но нема да застанеме тука со реставрациите и проекциите. Напротив, ова е континуиран процес, преку кој систематски го обновуваме и повторно го враќаме македонското филмско наследство во јавниот културен живот.

Разговараше: Невена Поповска

фото: Република/ приватна архива

Поврзани вести