
Кинотека на Македонија во 2025 година влегува со буџет од 7,5 милиони денари со кои ќе реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачка дејност. Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година.
Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6,5 милиони денари, ќе бидат потрошени на тековни и нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирање филмови и филмски материјали, документација и музејски ескпонати, обработка и каталогизација на прибрана граѓа, но и на годишната филмска програма во Кинотеката, преку која се обезбедуваат проекци на актуелни и култни филмски остварувања во една од најпосетените киносали во државата.
Годинава ќе се работи и на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филмови од македонската школа на анимиран филм, школа која беше активна во ‘70-те и ‘80-те години на 20. век (Д. Марковиќ, Б.Пејчинов, Д. Михајловски, итн.). Играниот филм „Мис Стон“ (1958) на режисерот Ж. Митровиќ што минатата година беше дигитално реставриран, а оваа 2025 година ќе го добие и своето блу-реј издание.
Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, Кинотеката ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена како „Денови на македонски филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на Кинопис, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 Години македонски филмски плакат“.