
На 3 март 2025 година, Одборот за реализација на Проект од Национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“ распиша Јавен повик за избор на идејни решенија за заштитен знак (лого) и постер за Проект од национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Во рокот предвиден за достава на апликации пристигнаа идејни решенија од вкупно 9 апликанти и 1 апликант по истекување на рокот.
Одборот ги разгледа идејните решенија кои пристигнаа во рокот за аплицирање и едногласно ги избра идејните решенија за заштитен знак (лого) и постер, дизајнирани од Катарина Пренда. Станува збор за модерни и хармонични визуелни композиции што ја одразуваат богатата историја, културното наследство и визијата на Гевгелија како „Град на култура“ во 2025 година. Инспирацијата за логото е црпена од релјефна чаша со претстава на македонски штит, III-II в. пр. н. е., пронајдена на архелошкиот локалитет „Вардарски Рид“- Гевгелија. Логото е прикажано како сонце со концентрични кругови, симбол на Гевгелија за нејзината светлина, топлина, виталност и гостопримство и град епицентар на културните настани во 2025 година.

Катарина Пренда е дипломиран графички дизајнер. Родена е во Гевгелија каде завршува средно образование. Во 2012 година дипломира на Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет во Скопје. Својата професионална кариера како графички дизајнер ја започнува во 2009 година. Нејзиното професионално искуство опфаќа работа во маркетинг агенција, издавачка куќа, како и пионерски проект за деца („Светот на Биби“), кој се стекна со голема популарност, а дел од дизајните на кои работела се пробиле надвор од границите и се издадени во странство.