
Друштвото на ликовни уметници од Македонија – ДЛУМ во рамки на „Скопско културно лето“ традиционално ја организира изложбата „Скопски урбани приказни“ со средства обезбедени од Министерството за култура и туризам на Република Македонија. Оваа година, изложбата се реализира и со поддршка на ЈУ Универзална сала – Скопје, Македонска опера и балет, Музеј на град Скопје, Македонски телеком, Музеј на македонската ослободителна борба.
Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска на чиј концепт одговорија 15 уметници – универзитетски професори, декан и продекан на факултет, исклучителни сликари, скулптори и графичари од средната и помладата генерација. Изложбата со современиот концепт овозможува прикажување на уметнички дела во отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката. Движењето низ центарот на Скопје и следење на концептот е овозможено со мапата на која се означени локациите на ликовните дела. Соработката на ДЛУМ со врвен куратор, уметници, дизајнер и културни – корпоративни организации покажува сериозен капацитет за организирање на комплексни проекти во иднина, се наведува во соопштението на ДЛУМ.