Skip to main content

Изложба „Од ризницата на Македонското собрание“ – уметнички архив и сведоштво за поврзаност меѓу уметноста и државата

Во Собранието денеска беше отворена изложбата „Од ризницата на Македонското собрание“, која претставува избор од највредните уметнички дела кои се дел од колекцијата на законодавниот дом.

Од вкупно 160 уметнички дела кои се наоѓаат во колекцијата на Собранието, на оваа изложба во Кристалната сала беа изложени 22 дела на основоположници на современата македонската уметност, првата генерација академски образовани македонски сликари и скулптори кои ги поставија темелите на модерната македонска уметност како што се Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Аврамовски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Борко Лазески, Ејуп Омер, Василие Поповиќ Цицо, Бранко Костовски, Боро Митриќески и Петар Мазев.

Преку портрети, пејзажи, сцени од секојдневниот живот и експресивни композиции, овие уметници го пренесуваат духот на времето, борбата за културен идентитет и неговото оформување, станувајќи темел на националната свест и стремежот кон уметничка слобода.

Изложбата ја отворил претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој истакна дека оваа збирка не е само уметнички архив, туку сведоштво за една длабоката поврзаност меѓу уметноста и државата, помеѓу индивидуалниот израз и колективното претставување.

Оваа изложба фрла светлина врз едно богатство што досега било заштитено од очите на јавноста, но кое го одржува жив креативниот дух во ѕидовите на највисоката претставничка институција во нашата земја. Секое дело, секоја боја, секоја линија на оваа изложба претставува едно чувство, една епоха, еден глас што зборува во име на едно време и еден идеал. Бидејќи во времиња на технолошки промени, уметноста претставува стабилност. Во времиња на несигурност, уметноста е патоказ. Токму затоа е важно да ја зачуваме, да ја вреднуваме и да ја негуваме уметноста, затоа што таму каде цвета уметноста, цвета и духот на еден народ, истакнал Гаши.

Како што се посочува во соопштението од Собранието, Гаши порачал дека Собранието не е само простор на политичко одлучување, туку и храм во кој се чуваат и се негуваат најдобрите духовни, естетски и уметнички вредности на општеството.

Поврзани вести