
На мое огромно задоволство и почит кон другарството, текстот за изложбава го “стутка” Otec Pimen
Никаде без вас другари!, вели авторката Касиопеја Наумоска по пово денешната изложба во Фоајето на Општина Карпош.
Ретки се луѓето кои кога ќе затворат очи барем за миг, од трепнување до повторното отворање на очите, не се обиделе дамнешното или новороденото чувство да го претворат во слика за полесно да го меморираат и да го складираат во умот за многу години. Или, љубовна песна што не виделе во слика при затворањето на очите. Или пак, спомените и патувањата во разни убави и помалку убави градови, држави што не ги отсликале зад затворените очни капаци.
Секој од нас тоа убаво и на свој начин си го слика на задната страна од капаците очни и сам си изнудува самозадоволна насмевка од својата мајсторија. Но, за жал, мајсторијата се распрнува со едно трепнување. Останува тагата што ја немаме можноста да ја задржиме таа слика.
Ја немаме таа можност да ги зачуваме чувствата, звуците, зборовите, спомените, патувањата во сликите што ги сликаме за миг под спуштените трепки, но затоа ја имаме Касиопеја, која перфектно знае она што на сите ни избегало само штом сме ги отвориле очите, да го зачува и да го пренесе на платно и да остане тоа сведок на времето во кое сме сонувале и чувствувале и радост и тага и љубов и повреди на душата и живот и смрт…
Касиопеја со своите слики не тера да сонуваме и со отворени очи, да се увериме дека сликата од сонот може да има запис, да видиме дека сите многу слично ги доживуваме чувствата, па токму затоа сме ѝ благодарни на нејзиниот труд преточен во платна со мноштво бои и емоции и ѝ се радуваме што сме нејзини современици и понекогаш случајни модели.
Честитки мајсторе и уште многу уловени чувства и спомени низ шарените платна да ни подариш!
П. С. Една молба до организаторите и посетителите на изложбата. Не ги купувајте сите слики. Сакам и јас барем една да купам ако стигнам на изложба.
О. Пимен

Македонски



