Skip to main content

Изложба „Корпореалност“ на Жарко Башески денеска се отвора во Музејот на современа уметност во Белград

Самостојната изложба „Корпореалност“ на академик Жарко Башески денеска ќе биде отворена во Музејот на современа уметност во Белград, во рамки на соработката меѓу оваа институција и Националната галерија на Македонија.

Изложбата ќе биде поставена до 9 ноември, а нејзината реализација следува по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете институции. На отворањето е најавено присуство на в.д. директорката на Националната галерија, Нарона Љума Весели, и директорката на Музејот на современа уметност во Белград, Маријана Колариќ.

Од Националната галерија оценуваат дека претставувањето на Башески во белградскиот музеј е значаен исчекор во културната соработка меѓу двете институции и држави, имајќи предвид дека за првпат е воспоставена ваква формализирана соработка преку потпишан меморандум.

Башески е професор, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите и еден од најпознатите македонски современи скулптори. Неговото творештво е препознатливо по хиперреалистичниот пристап и тематизирањето на човековата состојба преку скулптури изработени со современи материјали и концептуален пристап.

Од Националната галерија најавуваат дека соработката ќе продолжи и во 2027 година, кога во еден од објектите на институцијата во Скопје ќе биде поставена изложба од колекцијата на Музејот на современа уметност во Белград.

Во рамки на изложбата ќе биде промовиран и обемен каталог, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести